Нема субвенции за возила според екостандарди, се работи на ново решение
Не ги излажавме граѓаните, не се откажуваме од намерите да го обновиме возниот парк во државава, вели министерот за економија Бектеши. Се работи на ново решение и тоа ќе биде без финансиски последици за буџетот...
Во Предлог- буџетот за следната година нема средства за субвенции за купување возила според екостандарди. Парите ќе одат за проекти што ќе дадат поголем ефект – изјави министерката за финансии Нина Ангеловска. Најави дека наскоро ќе биде соопштено повеќе за Законот за данок на моторни возила кој е усвоен од Владата, но и за други мерки за намалување на аерозагадувањето.
И министерот за економија Крешник Бектеши потврди дека претходно најавената мерка нема да се реализира затоа што имала лимитирачки фактор и требала да се спроведува по моделот прв дојден- прв услужен.
Не ги излажавме граѓаните, не се откажуваме од намерите да го обновиме возниот парк во државава, рече Бектеши. Се работи на ново решение и тоа ќе биде без финансиски последици за буџетот.
Министерството за економија следната година ќе располага со буџет од 591 милион денари. Најголем дел од поддршката е во делот на енергетиката, вели министерот Бектеши.
За субвенции за соларни колектори се предвидени 5 милиони денари, за ПВЦ и алуминиумски прозорци 25 милиони денари, за печки на пелети 30 милиони денари, за вградување на уред на алтернативни горива во возилата 20 милиони денари.
Сунчица Николоска
