Средба Валас- Шекеринска: Добродојдовте во НАТО
Средбата се реализира во пресрет на Лидерскиот самит на НАТО, каде за прв пат нашата држава активно учествува на состанок на шефовите на држави и влади на земјите – членки...

Добродојдовте во НАТО - ѝ порача британскиот министер за одбрана Бен Валас на министерката Шекеринска на средбата во Лондон, соопштува Министерството за одбрана.
Средбата се реализира во пресрет на Лидерскиот самит на НАТО, каде за прв пат нашата држава активно учествува на состанок на шефовите на држави и влади на земјите – членки.
„Ги цениме бргу завршениот процес за ратификација на протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО и континуираната британска поддршка на одбранбените реформи. Нашиот фокус ќе биде развојот на способности и капацитети како членка на НАТО“, рече министерката Шекеринска и додаде дека во споредба со 2017 буџетот за одбраната е дуплиран, а над 20% од буџетот за 2020 е наменет за опремување и модернизација на Армијата.
Министерката Шекеринска рече дека преку интензивната советодавна помош од страна на Обединетото Кралство, со повеќе советници во доменот на одбранбените реформи и трансформацијата на Армијата, Северна Македонија успешно го спроведе пристапниот процес во НАТО.
Британскиот министер за одбрана, Валас изрази задоволство од фактот што Северна Македонија е пред последниот чекор до полноправно членство во НАТО. Тој рече дека Обединетото Кралство силно ја поддржува политиката на отворени врати на Алијансата и е подготвено да ја даде сета потребна поддршка во развојот на подофицерскиот кадар и во обуката на Лесната пешадиска баталјонска група.
Северна Македонија и Обединетото Кралство се вистински сојузници во Алијансата, пријателски земји кои имаат исклучително развиена и одбранбена соработка, се согласија министрите за одбрана на двете земји.
