Десет селектори за дваесет години македонски репрезентативен фудбал

Да не биде Ѓуровски само бројка во долгата низа

05.03.2014 13:52

Единаесетти со официјален селекторски статус, а петнаесетти ако се сметаат и оние што барем на по еден натпревар беа вршители на должноста. Бошко Ѓуровски е најновото име на кормиларската позиција во националниот тим. Прво одличен играч на Црвена Звезда, потоа докажан и во првата генерација на македонската репрезентација во средината на деведесеттите, тогаш под водство на Андон Дончевски, за по отсуството од овдешните фудбалски збиднувања - патиштата одново да му се вкрстат со најдоброто и најважното кај нас.

Со две раце го прифати повикот од ФФМ да го преземе нашиот државен тим во многу невралгичен момент, по лошата завршница на уште еден во низата неуспешни циклуси квалификации. Го наследува Чедомир Јаневски, којшто пред година и пол дојде со многу помпа, но замина неславно, издржувајќи одвај 13 месеци на клупата.

Функцијата е тешка, се покажало и жешка. Во минатото изгорела и дел од нашите најдокажани тренерски имиња. Најдолго, неполни 3,5 години на позицијата се задржа Ѓоко Хаџиевски кон крајот на деведесеттите од минатиот век. Речиси идентично траеше и мандатот на единствениот од тројцата странци којшто остави свој белег со концептот и со стратегијата во однос на нашиот состав, Словенецот Сречко Катанец. Во двата мандата, три години севкупно собра и единствениот којшто двапати беше селектор, Драган Канатларовски. Пократко на позицијата беа странците Џон Тошак, Слободан Сантрач и нашите Мирсад Јонуз, Никола Илиевски и Ѓоре Јовановски. Поради немање официјален предводник, како в.д. селектори на некои мечеви беа запишани и Зоран Стратев, Гоце Седлоски, Влатко Костов и Бобан Бабунски.

Низата е долга, можеби и предолга за само две децении македонски репрезентативен фудбал, но меѓу другото, засега е најдобар доказ дека барајќи го курсот, дваесет години сме скитале, бидејќи компасот како по правило ни бил поставен на нерамна подлога. И затоа, за сите ќе биде добро Бошко Ѓуровски да почувствува дека гази на цврста и сигурна почва. Само така би дошле до израз неговата визија и решителноста да се фати во костец со горливиот предизвик и подготвеноста да придонесе за  издигнување на репрезентацијата.