Собранието се распушти, избори на 27-ми април
05.03.2014 13:55
Со 117 гласови „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ се донесе одлука за распуштање на актуелниот собраниски состав...

Собранието на Република Македонија на денешната 87-та седница со 117 гласови „за“ и ниту еден против и воздржан донесе одлука за распуштање на актуелниот собраниски состав.
Иницијативата за распуштање на Собранието во саботата ја поднесе Демократската унија за интеграција (ДУИ) откако не беше исполнето нивното барање за консензуален кандидат за претседател на Република Македонија.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во саботата прифати одржување предвремени парламентарни избори на 27 април, односно на вториот круг од претседателските избори. Лидерот на партијата и премиер Никола Груевски ставот на ВМРО-ДПМНЕ го соопшти на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател. Опозициските СДСМ и НСДП исто така ја прифатија иницијативата на ДУИ.
Според Уставот, Собранието се распушта ако за тоа се изјаснат мнозинството од вкупниот број пратеници.
Иако ДУИ како причина за иницијативата за предвремени парламентарни избори го наведе неприфаѓањето на нивниот предлог за консензуален претседателски кандидат, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека причината за иницијативата на ДУИ е брањето да добие едно од трите ракводни места во државата.
Од СДСМ, пак, побараа Владата веднаш да предложи измени на Изборниот законик кој не предвидува решенија за совпаѓање на парламентарните со вториот круг претседателски избори, да се реши проблемот со двата различни рокови за заклучување на избирачкиот список, со почитувањето на роковите за предизборна кампања, како и со медиумското претставување.
