САД

Одбор за разузнавање: Трамп ставил лични интереси над националните

04.12.2019 12:54

Претставничкиот дом објави извештај од 300 страници со докази дека претседателот Трамп ја злоуптребувал функцијата за остварување на личен интерес. Во фокусот на материјалот е комуникацијата со Украина и барањето за политичка услуга против Џо Бајден, еден од можните опоненти во трката за Белата куќа идната година...

„Истрагата за импичмент откри дека претседателот Трамп, дејствувајќи лично и преку агенти во и надвор од владата на САД, помагал во мешање на странска влада - украинската - со цел да биде реизбран“, се вели во извештајот на Демократите кои во септември почнаа формална истрага за отповикување на 45. претседател. Одборот за разузнавање образложи дека тој изнудувал политичка услуга од Киев во замена за воена помош од Вашингтон. Барањето се однесувало на покренување истрага за синот на еден од потенцијалните ривали во новата трка за Белата куќа, Џо Бајден. Според соработниците на Трамп, пречка до саканата цел била тогашната американска амбасадорка Мари Јованович којашто беше разрешена во мај. За извршувањето на мисијата биле назначени шефот во преговорите со Киев, Курт Вокер, амбасадорот во ЕУ, Гордон Сондленд, и министерот за енергетика, Рик Пери.

Телефонските разговори покажуваат дека постоела голема координција меѓу страните, вклучувајќи ја и онаа во Белата куќа, и кампања против амбасадорката Јованович, со што се отворил патот за „тројцата амигоси“ да преземат значаен дел од украинската политика, како и координација за спроведување на таа политика“, изјави Адам Шиф, претседател на Одборот за разузнавање на Претставничкиот дом.

Белата куќа реагираше веднаш, потенцирајќи дека истрагата е измама и не содржи докази против Трамп.

Адам Шиф има долг историјат со проблеми околу кажувањето на вистината. Има долг историјат и со преземање на секаков чекор, вклучувајќи и лажење доколку е потребно за да се отповика претседателот. Сега најдовме уште еден предупредувачки знак дека Адам Шиф повторно го прави тоа“, рече Кевин Меккарти, лидер на малцинството во Претставничкиот дом.

Извештајот ќе се разгледува во Одборот за правда, каде ќе се води партиска дебата за тоа дали треба да се утврди предлог за отповикување на Трамп, за кој потоа ќе се изјасни Претставничкиот дом во цел состав. Ако биде изгласан, во Сенатот што е под републиканска контрола ќе се одржи судење за да се одлучи дали Трамп треба да биде сменет. Потребно е двотретинско мнозинство да се донесе одлука за разрешување на Трамп.

Маја Филдишев