Денеска е Воведение на пресвета Богородица- Св.Пречиста

04.12.2019 09:48

Сведоштва за овој празник се среќаваат само во црковните песни и кај некои писатели на дела со црковна содржина. Според сведоштвата праведните Јоаким и Ана долго немале деца. Го молеле Бога да им даде рожба, ветувајќи му дека ќе му ја посветат нему, односно ќе ја дадат да му служи во храмот. Така им се родила Марија...

Денешниот празник Воведение на Пресвета Богородица во храмот, кој што народот го вика Света Пречиста, спаѓа во поголемите есенски празници што се празнуваат и со домашни служби. Овој празник спаѓа и во дванаесетте големи христијански празници. Се смета за женски празник и повеќе го празнуваат младите жени, особено оние што се уште немаат деца.

Сведоштва за овој празник  се среќаваат само во црковните песни и кај некои писатели на дела со црковна содржина. Според сведоштвата праведните Јоаким и Ана долго немале деца. Го молеле Бога да им даде рожба, ветувајќи му дека ќе му ја посветат нему, односно ќе ја дадат да му служи во храмот. Така им се родила Марија. Бидејќи Марија била измолена со солзи и ветена да му служи на Бога нејзините родители сакале да ја одведат во храмот. Кога наполнила три години, останувајќи доследни на ветувањето, за да го исполнат долгот кон Бога, ја повеле во храмот.

Во свечената поворка што три дена патувала од Назарет до Ерусалим, најнапред оделе девојчиња променети во бела облека, со запалени свеќи во рацете, по нив Јоаким и Ана за рака ја воделе малата Марија, а по нив оделе многу роднини и пријатели. Со нив, невидливи за човечкото око, патувале и многу ангели. Малата Марија била облечена во свечена облека, со многу украси, како што и прилега на царска ќерка и божја невеста. Бидејќи патување било иницирано со божја промисла, или со божји благослов, поворката со леснотија го изодела  растојанието  од Назарет до Ерусалим за три дена.

Пред храмот ја пречекале свештеници на чело со првосвештеникот Захарие, пеејќи црковни песни. Храмот бил на поиздигнато место и во него се влегувало по скали со 15 степеници. Родителите ја оставиле малата Марија на почетокот на скалите и таа самата, со леснотија  се искачила по скалите. Најгоре ја пречекал првосвештеникот Захарие- таткото на Свети Јован Крстител, кој на изненадување на насобраниот народ, а по божја повелба, ја внесол во најсветото место во храмот, во олтарот наречен Светиња на светиите. Тука никој не смеел да влезе, особено не жена, не влегувале ниту обичните свештеници, а и првостештеникот влегувал само еднаш во годината и тоа на празникот на очистувњето, кога принесувал жртва. На ова се чуделе не само луѓето, туку и анѓелите, но и ова е неправено со Божја промисла и е поврзано со идната улога на Богородица, мајката на Исус Христос. Се вели дека во тој момент првосвештеникот Захариј бил исполнет со Божји Дух, инаку оваа негова постапка не би можела да се објасни. Потоа Јоаким и Ана со благослов се простиле и се вратиле во Назарет, но често ја посетувале Марија. Но, наскоро нејзините родители починале и  Марија растела во храмот кој бил место за воспитување на младите девојки и подготвување за божја служба.

Во храмот Богородица останала до 12-тата година. Била послушна кон сите и затоа сите ја сакале и почитувале. Така во овој храм Пресвета Дева Марија се подготвувала за идната слава што ја очекувала. Црквата ја нарекува прекрасна зора од која што изгреало сонцето на правдата.

Светото предание уште сведочи дека  Марија според Израелските закони требала да го напушти храмот по 12-та година и да се омажи како и сите девојчиња. Но таа се ветила да остане девица и да му служи на Бога. По божја промисла, таа била дадена на чување кај еден постар човек Јосиф-роднина на нејзините родители, прикажан и како нејзин свршеник. Така биле задоволени тогашните еврејски закони, а на Марија и била исполнета желбата засекогаш да остане Девица и да му служи на Бога. Дотогаш меѓу Евреите не било познато доживотно заветување на Бога, така што Марија е првата девојка што се решила и што успеала до крајот на животот да биде заветена или посветена на Бога. По нејзиниот пример подоцна тргнале илјадници девојки и момчиња.

Во спомен на воведението или воведувањето на тригодишната Марија во храмот светата црква го востановила празникот Воведение што се празнува на 21 ноември по стариот или на 4 декември по новиот календар. Се претпоставува дека се празнува од четвртиот век, но во пишаните документи се среќава од осмиот век.

Но овој празник и денес е актуелен и укажува на потребата родителите да се заложат за правилно воспитување на своите деца, за осознавање на вредностите на својата вера, но и за одбрана од негативните пороци кои што денес ја уништуваат нашата младина.

Соња Стојановска