Уставен суд: Амнестијата е во надлежност на Собранието

04.12.2019 14:47

Амнестијата е во надлежност на Собранието, Уставниот суд не може да одлучува кој ќе биде амнестиран- уставните судии нема да поведат постапка за иницијативата на екс директорот на Бирото за јавна безбедност за оценување на уставноста на Законот за амнестија...

Уставните судии и формално се изјаснија да не поведат постапка по иницијативата на екс- министерот за внатрешни Чавков, за оценување на уставноста на Законот за амнестија, со кој беа опфатени и пратеници за настаните од 27-ми април.

Мнозинството уставни судии, во расправата на седницата, се изјаснија дека не ја поддржуваат иницијативата. Уставните судии заклучија дека Судот не може да се стави на местото на Собранието, кое има право да одлучува за кого може, а за кого не може да има амнестија.

Судијата- известител Владимир Стојановски кажа дека не може Уставниот суд да му наложува на Собранието, кое е надлежно да донесе Закон за амнестија дали да амнестира.

Судијата Осман Кадриу појасни - „Амнестијата е во надлежност само на Парламентот, додека помилувањето и аболицијата се во надлежност на шефот на државата. Амнестијата се дава со закон што го донесува Собранието и не се дава на лица со име и презиме, туку групно“ - рече Кадриу.

Неговиот колега Јован Јосифовски беше единствен со различен став од другите. Тој смета дека за еден кривично- правен настан треба да им се даде амнестија на сите учесници, без одглед на статусот и кривичното дело што го сториле, слично како што беше амнестија за учесниците во војната од 2001-ва година.

Од Обвинителството за организиран криминал само додадоа дека тие навистина не се запознаени дали иницијативата е за оспорување е на целиот Закон за амнестија или само на одделни членови од Законот.

На седницата не се расправаше за Законот за помилување.

 

Игор Панов