Заев е „реален оптимист“ во однос на одлуката за преговори со ЕУ
Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања по лидерскиот состанок на НАТО во Лондон, порача дека е реален оптимист во однос на започнувањето преговори со Европската унија.
Премиерот Зоран Заев последните два дена во Лондон, на Самитот на НАТО, имал прилика да размени мислење неколку пати и со францускиот претседател, Емануел Макрон, кој во октомври го блокираше отпочнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ условувајќи го со длабока реформа на преговарачкиот процес.
Запрашан дали во разговорите со Макрон добил позитивни вести за можно одблокирање на процесот во наредните месеци, Заев порача дека верува во добри вести наскоро, но со „реалистичен“ оптимизам.
Јас сум уверен дека следува убава одлука, убаво време за нас, не можам да споделам ништо затоа што како најголем оптимист, сега сум реалистичен оптимист. Работите се движат во позитивна насока, наше е да продолжиме да работиме, да продолжиме со реформи и се надевам дека вистинската одлука ќе биде донесена, односно историската грешка што ја направија ќе биде исправена, не сакам со тоа да делам оптимизам никако, треба да бидеме посветени да ја европеизираме Македонија со повеќе вредности и реформи а штом ќе одлучат да ни соопштат, изјави вчера премиерот Заев.
Францускиот претседатек Макрон, од своја страна, се покажа многу порезервиран во однос на отворањето преговори со Македонија и Албанија и одбива по секоја цена да ги одвои двете земји, сметајќи дека тоа би било „смртоносна“ грешка. Тој смета дека Балканот треба целосно да биде дел од Европската Унија и дека тоа е геополитички предизвик.
