Меѓународен натпревар по камерна музика
Овие натпревари покажуваат дека постојат многу способни и талентирани млади музичари од земјава и од странство. Подоцна од нив произлегуваат познати музичари кои се гордост на училиштето, на градоти на државата.

По десетти пат во просториите на музичкото училиште „Лазо Мицев Рале“ во Кавадарци се одржа меѓународниот натпревар по камерна музика. Празникот на музиката се совпадна со 50 годишниот јубилеј на основното општинско музичко балетско училиште„Лазо Мицев-Ралев“. Организатор на натпреварот беше директорот на училиштето Златко Јованов.
Од година на година, натпреварот зема сè поголем замав. Учесниците на натпреварите ги покажуват своите знаења во повеќе дисциплини. Пијано четирирачни, состави со и без пијано, како и традициски состави.
Жирито составено од македонски и од странски професионални музичари-професори имаше тешка задача, требаше да се изберат најдобрите. А овие натпревари покажуваат дека постојат многу способни и талентирани млади музичари од земјава и од странство.
Подоцна од нив произлегуваат познати музичари кои се гордост на училиштето, на градот и на државата.
Најмалите учесници на натпреварот во дисциплината дует без пијано Деспина Белистојаноски и Павел Стоев, ученици во Основното музичко училиште „Методи Патче“ од Охрид во класата на професорот Кирил Белистојаноски се здобија со најпрестижната прва награда . Деспина Белистојаноски и Павел Стоев се закитија со медали и дипломи, но и со посилна желба за нови успеси и ветување дека ќе продолжат со работа во музичките води.
Чест е да се биде дел од процесот на образование, на воспитание и насочување на младите таленти , изјавија сите музички педагози и додадоа, но и одговорноста е голема.
Радмила Гиевска
