Франција

Масовен штрајк против пензиските реформи

05.12.2019 12:13

Масовен штрајк во Франција против реформите на пензискиот систем. Драстично се намалени сообраќајните линии во Париз со што се нарушува дневната рутина на граѓаните. Сидникатот се закани дека состојбата ќе остане иста најмалку една недела, но и подолго доколку владата не ги послуша нивните барања...

Сообраќаен хаос, заклучени институции, и метеж од велосипеди како во Амстердам – ова е сликата на Париз чијшто пулс е блокиран поради протестот против пензиските реформи со кои францускиот народ ќе треба да работи подолго за помалку. Синдикатите се незадоволни од плановите на претседателот Емануел Макрон за универзален  систем базиран на поени којшто ќе ги замени десетиците шеми кои се спроведуваат сега. Училишните и транспортните работници ги здружуваат силите со полицијата, адвокатите и вработените во болницата и аеродромите. За првпат, на синдикатите им се придржуваат и Жолтите елеци. Под клуч се и Ајфеловата кула, Лувр, а и други туристичките атракции.

„Јас сум од Њујорк, а во Париз дојдов на одмор. Пристигнав изутринава со авион и не знаев дека ќе има штрајк. На аеродром морав да чекам речиси 2 часа за да најдам и воз, но не стигна. Се нервирам, потрошив многу пари коишто очигледно не сум требал да ги трошам.“

„Се обидов да фатам воз, но ми кажаа дека се откажани линиите. Немав никаква информација. Дојдов и видов дека не работат.“

„Точно е дека штрајкувањето во транспортот ги вознемирува и нервира луѓето. Но е легитимно. Сигурно постојат некои тврдења кои треба да се слушнат и дискутираат, но штета што стигнавме до ваква точка.“

„Ќе штрајкувам и три недели ако треба, немам кеш во банка. Имам само плата како работник во железницата. Месечно заработувам 2.400 евра, а вработен сум веќе 39 години. Искрено, по толкав период, не е како да сум ги украл од некого. Јас не се борам за пензијата, мене ме чекаат парите. Ќе си одам. Покриени ми се пензиските права. Се борам за децата и внуците зашто ова што им се подготвува не е формула за среќни денови.“ 

За безбедноста во Париз се распоредени 6.000 полицајци.

Не сум изненаден. Пред месец и пол кажав дека мобилизирањето на 5 декември ќе биде силно и така е. Владата е подготвена и постојано контактираше со синдикатите во последните недели“, изјави Жан Баптист Џебари, министер за транспорт на Франција.

Администрацијата на Макрон се надева дека нема да се  повтори генералниот штрајк од 1995 година, кога беше уништен транспортниот систем, а поради масовната народна поддршка, се случи голем пресврт во владата.

 

Маја Филдишев