Полициски инспектори во три фирми на Камчев

05.12.2019 15:18

Полициски инспектори посетиле три фирми на Орце Камчев поврзани со изработка промотивни материјали за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори. СДСМ неодамна обвини дека опозициската партија ја затворила наменската сметка за изборите, иако должи 400 илјади евра. Од белата палата коментираат дека ова се прави за дефокус на јавноста...

Полициски службеници влегле во фирми на Орце Камчев. Се бараат докази поврзани со финансирање на изборната кампања на ВМРО -ДПМНЕ.

„По наредба од надлежен суд и од обвините, денеска МВР е влезена во неколку фирми со цел да се изврши контрола, проверка на сите факти, аргументи кои се дадени во наредбата. Тоа е работа на полицијата која ќе влегува во сите фирми и ќе спроведуваме постапки за сѐ каде што ќе имаме сомнежи за криминал. Од МВР нема информации, со имиња, во кои фирми се влезени. Јас само потврдувам дека се работи на расчистување на работите во три фирми“, изјави министерот за внатрешни, Оливер Спасовски.

Од Обвинителството велат дека доколку има елементи на кривично дело, ќе постапуваат. Од компаниите на Камчев велат дека кај нив имало полициска инспекција. Извршена е контрола на документите, по што, како што ивзестуваат, инспекторите потврдиле дека немало ништо спорно.

Од опозицијата велат дека бил очигледен притисокот за да не се расчисти аферата „Рекет“ до крај.

„Очигледна е нервозата кај Владата во однос на она што значи губење на власта. Очигледен е притисокот за да не се расчисти до крај аферата Рекет и да не се појават нови сведоци“, изјави портпаролот на ВМРО- ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Ревизорите пред неколку недели ги објавија извештаите за претседателските избори, а СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ должи околу 400 илјади евра за кампањата.

Наташа Гркова- Петрушевска