Никој не сака војна во Украина
Рускиот министер за надворешни Лавров го обвини Западот дека дава лош пример охрабрувајќи ги украинските демонстранти неуставно да ја преземат власта. За Киев, одговорноста ќе ја понесе единствено Москва...

Москва и Киев согласни за две работи – ситуацијата на Крим е закана за целиот свет и никој не сака војна. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го обвини Западот дека дава лош пример охрабрувајќи ги украинските демонстранти неуставно да ја преземат власта. За Киев, одговорноста ќе ја понесе единствено Москва.
Руската војска никогаш немала ниту ќе има основа за воена агресија на територијата на Украина, вели Арсениј Јаценјук, преоден премиер на Украина.
Русија не може да им нареди на силите за самоодбрана на Крим да се повлечат во базите, затоа што не се руски. Персоналот на Црноморската флота е на своите позиции, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Лавров индиректно го отфрли планот на Обама и Меркел за смирување на тензиите, рече дека за поканата на меѓународни набљудувачи треба да решат кримските и украинските власти. Во Париз почна тркалезната маса посветена на Украина, на која Лавров треба да разговара со својот американски колега Кери. Заканите за економски санкции повторно се актуелизираат.
Веќе одлучивме за една санкција – суспензија на подготовките за состанокот на Г-8 во Сочи. Разговараме за санкции на визите, но и економски санкции, како имотот на одредени олигарси, ако не дојде до деескалација, изјави Лоран Фабиус, министер за надворешни работи на Франција.
Рускиот парламент превентивно подготвува нацрт-закон со кој ќе може да конфискува имот и сметки на државни и приватни европски и американски компании на руска територија. На Украина, која е на работ на економска катастрофа, Европската Унија и понуди помош и заеми од 11 милијарди евра, со што сериозно им парира на 20-те милијарди што Русија ги договори со Јанукович. На теренот, украинските сили ја зазедоа базата во Донецк и го кренаа знамето на Украина. На Крим, проруските сили освоија ракетна база, но арсеналот е се уште под украинска контрола. Во меѓувреме, рускиот претседател Путин е номиниран за Нобеловата награда за мир, соопшти норвешкиот комитет. Пред пет години наградата ја доби неговиот американски колега Обама.
Ивана Салтировска
