Училиштен Информатор: Проект „Роботика и кодирање“
Целта е да се модернизира наставниот процес со употреба на информатичките алатки и да се стекнат нови вештини што би придонеле во зголемување на мотивираноста кај учениците...

Училиштето СЕПУГС „Васил Антевски- Дрен“, работи на проект со име „Роботика и кодирање“, добиен преку „Еразмус +“ програмата за соработка помеѓу училишта. Во проектот учествуваат училишта од четири различни земји, и тоа Македонија, Турција, Италија и Латвија и истиот ќе трае 2 години, од 2019-та до 2021-ва година.
Проектот има за цел да обучи група наставници од училиштата кои учествуваат во проектот, за користење различни програмски јазици во наставниот процес, за тие понатаму знаењата стекнати низ овие обуки да ги користат со учениците на наставните часови. Целта е да се модернизира наставниот процес со употреба на информатичките алатки и да се стекнат нови вештини што би придонесле во зголемување на мотивираноста кај учениците.
Првата мобилност и обука ќе се одвиваат во СЕПУГС „Васил Антевски- Дрен“ од 1.12 до 07.12.2019 година. Наставниците ќе следат обука за користење на програма „Скреч“, која што ќе ја држат наставници по информатичка технологија од училиштето.
Во еднонеделната посета, гостите освен што ќе ја следат обуката подготвена од наставниците по информатичка технологија од СЕПУГС „Васил Антевски- Дрен“, ќе посетат и многу културно значајни места во нашиот град и држава. Планирана е посета на Кањонот Матка, Старата Скопска Чаршија и Музеј на Град Скопје и градот Охрид.
Радмила Гиевска
