Берлин

Пендаровски: И граѓаните од Западен Балкан заслужуваат да бидат дел од Европската унија

06.12.2019 11:55

Претседателот Пендаровски денеска во рамки на еднодневната работна посета на Сојузна Република Германија, учествуваше на конференцијата „Балкански дијалози“. Како еден од панелистите на конференцијата во Берлин, претседателот Пендаровски говореше на тема „Проширување на ЕУ – неисполнето ветување – што сега?“...

ЕУ не смее да ги изостави земјите од Западен Балкан, бидејќи и граѓаните на тие држави заслужуваат подобри услови и поголем животен стандард- истакна претседателот Пендаровски на конференцијата „Балкански дијалози“ што се одржува во Берлин. Претседателот говореше на темата „Проширување на ЕУ – неисполнето ветување – што сега?“.

„Би сакал да потсетам дека од шест земји во регионот, Црна Гора и Србија веќе со години, односно предолго преговараат, две земји односно Северна Македонија и Албанија, со години наназад чекаат да добијат датум за почеток на преговорите, а останатите две, Босна и Херцеговина и Косово, воопшто никој не ги споменува“, рече претседателот Пендаровски.

Според Пендаровски, граѓаните на овие земји полека почнуваат да губат надеж дека ќе ги почувствуваме бенефитите и вредностите од членството во Унијата, и се сомневаат дека регионот на Западен Балкан ќе биде во иста ситуација како што е Турција.

На конференцијата „Балкански дијалози“ претседателот Пендаровски го повтори ставот дека Република Северна Македонија не е против нова методологија за проширувањето на Европската Унија, ниту пак е против реверзибилност на процесот ако одредена земја значително назадува при процесот на преговори со Унијата.