Обид за спас на нуклеарниот договор во Виена
Потписниците на нуклеарниот договор бараат механизам за враќање на санкциите од Обединетите нации за Иран кој направи неколку отстапки од нуклеарниот пакт. Техеран се правда дека потегот е само реакција на повлекувањето на Вашингтон од спогодбата и враќањето на казнените мерки кои предизвикаа голема штета на извозот на нафта.

Европските сили, Кина и Русија со предупредување до Иран- почитувајте ги обврските од Нуклеарниот договор или ќе ги обновиме санкциите од ООН. Средбата во Виена на потписничките на Пактот од 2015 година е нов обид за спас на договорената агенда. Техеран направи неколку отстапки, вклучувајќи и надминување на максималното количество на збогатен ураниум. Потегот го правда како одговор на неуспехот на европските сили да ја заштитат иранската економија од американските санкции, кои покрај преполовувањето на извозот на нафта, ги одвратија странските компании од неговиот пазар.
„Постојат пријатели, земји кои се посредници. Со скромност кажувам пред иранскиот народ дека кога и да е подготвена Америка да ги укине погрешните, противзаконските и терористичките санкции, шефовите на групта П5 плус 1 ќе може веднаш да се сретнат“, изјави Хасан Рохани, претседател на Иран.
И додека Договорот полека пропаѓа, Европејците веќе еден месец се во позиција на Буриданово магаре - дали да го спасат Пактот или да му се одмаздат на непопустливиот Иран кој продолжува да ја спроведува својата агенда во Фордоу - локација што ја криеше извесно време од инспекторите на ОН. САД, пак, најавуваат дополнително воено присуство на Блиски Исток поради последните операции на заливската земја.
„Министерот за надворешни работи Зариф изјави дека Иран решително продолжува со активностите поврзани со балистичките ракети. Тоа значи дека веќе имаме одговор од режимот. Еден од многуте недостатоци на Нуклеарниот договор е укинувањето на забраната за тестирање на балистички ракети“, изјави Брајан Хук, специјален претставник на САД за Иран.
Аналитичарите предупредуваат дека доколку се вратат санкциите од ОН, Иран би можел да се повлече од Пактот за нераспространување на нуклеарно оружје, што ќе создаде дополнителен ризик за глобалната безбедност.
Во 2015 година, Британија, Франција, Германија, Кина, Русија и Иран го склучија Нуклеарниот договор со кој Техеран беше обврзан да ја сопре програмата во замена за укинување на санкциите.
Маја Филдишев
