Одбрана

Нулта толеранција за вознемирување на работното место

06.12.2019 13:53

Доделени сертификати на 35 родови претставници во Министерството и сите единици на Армијата. Во овие институции има „нулта толеранција“ за секаков вид вознемирување, вели министерката за одбрана Шекеринска.

Во Министерството за одбрана промовирани упатството и водичот за заштита од вознемирување на работното место. Доделени сертификати на 35 родови претставници во Министерството и сите единици на Армијата. Во овие институции има „нулта толеранција“ за секаков вид вознемирување, вели министерката за одбрана Шекеринска.

„Ја испраќаме пораката, без разлика дали станува збор за луѓе во Министерството или во Армијата, дали се работи за мажи или жени, дека вознемирувањето на работното место не е прифатлив дел од работната дисциплина, не е прифатлив дел од работната рутина“, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Началникот на Генералштабот, генералот Ѓурчиновски додаде дека Генералштабот на Армијата има јасен пристап во однос на оваа област и презема конкретни мерки на сите нивоа на командување во Армијата.

„Пристапот е нула толеранција за вознемирување на работните места, апсолутно јасна и гласна транспарентност во функционалноста на Армијата, секој да се чувствува достоинствено, гордо на работното место од аспект на третманот на женскиот пол во Армијата“, рече генералот Ѓурчиновски.

Упатството и Водичот за справување со насилство, вознемирување на работно место, вклучувајќи и сексуално вознемирување се изработени во соработка со Канцеларијата на UN WOMEN во Скопје.