Економија

Заев: Растот на БДП под очекувањата

06.12.2019 14:55

Бруто домашниот производ во третиот квартал пораснал за 3,6 насто. Продолжува позитивниот тренд во економијата, откако и во претходните квартали имаше раст од 4, 1 и 3,1 процент, велат од Владата. Премиерот Заев смета дека резултатите се под неговите очекувања и дека некои сектори потфрлиле...

Растот на БДП од 3,6% во третиот квартал е малку под очекувањата дека ќе имаме 4% затоа што одредени перформанси не ги дадоа очекувањата, вели премиерот Зоран Заев, затоа што растот на индустриското производство варирал меѓу 9,8 и 4,4%.

„Проектирано е 3,8%, ако постигнеме во последниот четврти квартал нешто над 4% ќе го исполниме очекувањето од 3,8% раст на БДП. Имајќи во предвид дека растот во европските земји е од 0,5 до 1% можеме да бидеме задоволни но не до крај. Верувам дека нашиот низок економски стандард, компетититвноста на ресурсите што ги имаме овде, како што се природните ресурси, географската локација, инженерските капацитети што стојат на располагање треба да ги доискористиме до максимум“, изјави премиерот Зоран Заев.

Владата го прифатила барањето на Советот на странски инвеститори во новата година да се намалат царинските стапки за 12 производи што не се произведуваат во земјава, а странските компании се обврзале заштедените средства да ги реинвестираат во набавка на нови машини и зголемување на вработеноста. Од ресорот за финансии соопштија дека преку проект за енергетска ефикасност биле изградени фотоволтаични системи на 108 јавни објекти во 36 општини. Најавен е нов проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор преку заем од Светска банка од 10, 5 милиони евра, а општините ќе можат во првата половина на 2020-та да аплицираат за реновирање објекти во нивна надлежност и за јавно осветлување.

„Најголеми заштеди има секако таму каде што корисникот работи 24 часа, односно се работи за голем потрошувач. Такви се пречистителните станици за отпадни води, фабриките за вода, водоснабдителните и пумпни станици каде заштедите месечно изнесуваат од 28 до 82%. Очекуваната вкупна заштеда на средства за сите 108 објекти изнесува 190 илјади евра, како и 820 тони јаглерод диоксид еквивалент на годишно ниво“, изјави министерката за финансии, Нина Ангеловска.

Владата најави и нов закон за стратешки инвестиции во државата, по урнек на регулативата на ЕУ, за инвестиции поголеми од 100 милиони евра. Притоа преку законско решение се дава можност за брза лента, транспарентно да доаѓаат големи инвеститори во земјава. Има 5-6 такви компании, вели премиерот Заев, за проекти во вкупна вредност од над 2 милијарди евра за што се преговара, а потоа за секоја инвестиција самиот договор да оди со посебен закон што ќе го одобрува парламентот.

 

Свето Николовски