Украинци ќе бараат бакар во Македонија
Една година ќе вршат детални геолошки истражувања, кои треба да ја покажат оправданоста на целата инвестиција, која се проценува на над 100 милиони долари...

Украинска компанија сака да гради фабрика за преработка на бакар во земјава. Добија дозвола да вршат детални геолошки истражувања на три локации, по што планираат да изградат капацитет во кој ќе работат до 500 луѓе. Вкупната инвестиција, по сите реализирани фази, се проценува на над 100 милиони долари.
На две локации во Валандово и на една во Старо Нагоричане, украинската Константиновски ќе бара бакар. Една година ќе вршат детални геолошки истражувања, кои треба да ја покажат оправданоста на целата инвестиција, која се проценува на над 100 милиони долари. Украинците веќе имаат првични информации за потенцијалот на наоѓалиштата на бакарна руда.
„Ние разгледувавме повеќе држави за правење на овој бизнис, повеќе наоѓалишта во Јужна Африка и во други земји од овој континент, потоа во Шпанија и на Куба. Сепак, нашиот избор падна на Македонија, бидејќи тука најдовме и почувствувавме најдобра инвестициска и бизнис-клима“, изјави Генадиј Сичов, заменик-претседател на компанијата.
Украинците во земјава ќе експлоатираат руда, но ќе произведуваат и катоден бакар, бакарни цевки и жици, со што ќе го заокружат целокупниот производствен процес. Планираат изградба на фабрика во која ќе работат од 400 до 500 луѓе.
„Фабриката треба да почне да работи кон крајот на идната или во почетокот на 2016-та година, па во овој период тие ќе ги идентификуваат соодветните луѓе што ќе ги ангажираат, по што ќе пристапат кон процес на обука. Тоа го направија сите странски компании кои досега инвестираа во МакедонијА“, изјави Виктор Мизо, директор на ДТИРЗ.
Украинците во земјава пристигнале пред околу една година.Потпишаа договор со македонска компанија, која ќе биде задолжена за дупчењата и за деталните геолошките истражувања.
Мартин Пушевски
