Полска

Меркел во посета на Аушвиц со донација од 60 милиони евра

06.12.2019 15:05

По 24 години, Германија праќа свој канцелар во посета на Аушвиц. За полското МНР, посетата на Ангела Меркел е историска бидејќи го признава уникатниот статус на Аушвиц во светската колективна меморија. Пред неа, на оваа локација допатувале Хелмут Шмит и Хелмут Кол...

Германската канцеларка Ангела Меркел во прва прва посета на Аушвиц-Биркенау откако таа ја презеде функцијата пред 14 години.  Со донација од 60 милиони евра ќе се обиде да помогне во зачувувањето на местото каде што нацистите го изградиле најголемиот логор на смртта во кој загинале над милион луѓе, од кои повеќето биле Евреи. Почит на жртвите им одаде со едноминутен молк пред т.н. Црн ѕид каде што биле погубувани затворениците, а потоа положи цветен венец во Биркенау. Во говорот во централата сауна каде што ги регистрирале, а потоа врз нив применувале т.н. „техники за дезинфекција“, Меркел порача дека историјата не смее да се повтори во модерна Европа. Посетата е во период кога во Германија се зголемува антисемитизмот, но и пред 75-тата годишнина од ослободувањето на кампот којашто се одбележува на 27 јануари. Според статистиктата, лани во Германија се случиле над 1600 злосторства поттикнати од омраза кон Евреите, што е зголемување од 10% во споредба со годината претходно.

„Сведочиме и се соочуваме со напад врз основните вредности на либералната демократија, и многу опасен историски ревизионизам и насилство насочено кон конкретни групи. Нашиот фокус е особено ставен на антисемитизмот кој е закана за Евреите во Гермнаија, Европа, а и пошироко.  Јасно и недвосмислено кажуваме дкеас нема да се толерира никаква форма на антисемитизмот во Европа. Секој треба да се чувствува како дома и безбедно на овој континент. Аушвиц, како ниедно друго место, не потсетува и обврзува да го зачуваме човештвото и да го заштитиме достинството“, изјави канцеларката Меркел.

Над 6 милиони Евреи беа убиени во Холокаустот, нацистичката кампања да го уништат еврејското население во Европа. Гасните комори и крематориумите во Аушвиц –Биркенау беа изградени во близина на главниот концентрационен логор во окупирана Полска.

 

Маја Филдишев