УЈП

Почна исплатата на повратот на ДДВ

06.12.2019 15:15

На трансакциските сметки на граѓаните почнаа да легнуваат парите од повратот на ДДВ. Управата за јавни приходи информира – до крајот на наредната недела ќе заврши исплатата за скенираните фискални во јули, август и во септември...

УЈП почна со исплатата на парите од повратот на ДДВ. Процесот ќе трае до средината на месецов, кога на трансакциските сметки ќе им легнат средства на сите кои скенирале фискални сметки во јули, август и во септември. Податоците на Управата покажуваат дека во овој период биле скенирани над 22 милиона сметки, а повратот од 15 проценти е во износ од над 186 милиони денари.

„Досега е исплатен поврат кај 16.600 граѓани, а до крајот на наредната недела повратот ќе биде извршен кај сите граѓани кои ги скенирале фискалните сметки во првото тримесечје преку апликацијата Мој ДДВ, киоск-апаратите и бар-код читачите во организациските единици на управата за јавни приходи“, велат од УЈП.

И покрај тоа што парите веќе се префрлат, дел од граѓаните сѐ уште се скептични.

Од Министертвото за финансии посочуваат дека најмногу се скенираат сметки во скопските општини Аеродром, Кисела Вода, Центар, Карпош и во Битола и Штип.

Од 15-ти декември почнува наградната игра „Мој ДДВ- Моја награда“. Од Министерство за финансии велат дека тоа е уште еден мотив граѓаните да скенираат фискални сметки и со тоа да придонесат за спречување на сивата економија.

Ана Јосифоска- Тодоровска