Филхармонија

„Со љубов за Клара“: Концерт со врвниот ирски пијанист Бери Даглас

10.12.2019 11:01

Бери Даглас е ирски пијанист кој својата богата меѓународна кариера ја започнува во 1986 година кога го добива „Златниот медал“ на Интернационалниот натпревар за пијано „Чајковски“ во Русија. Важи за оригинален пијанист со препознатлива лирика во изразот и автентичен пијанистички сензибилитет. Критичарите го нарекуваат „титан на пијаното“.

„Со љубов за Клара“ е насловен концертот на оркестарот на Филхармонија кој ќе се одржи  в четврток. Солист е фантастичниот ирски пијанист Бери Даглас кој ќе го изведе романтичниот Концерт за пијано и оркестар оп.54 од Роберт Шуман. Диригент е Емил Табаков од Бугарија.

Бери Даглас е ирски пијанист кој својата богата меѓународна кариера ја започнува во 1986 година кога го добива „Златниот медал“ на Интернационалниот натпревар за пијано „Чајковски“ во Русија. Важи за оригинален пијанист со препознатлива лирика во изразот и автентичен пијанистички сензибилитет. Критичарите го нарекуваат „титан на пијаното“. Даглас ќе го изведе емотивниот концерт за пијано и оркестар од Роберт Шуман, посветен на неговата жена и најголема љубов – Клара Шуман.

На програмата е и „Шпанско капричо“ од Николај Римски –Корсаков, фантастична оркестарска композиција која изобилува со различни музички бои, мелодиски дизајн и фигуративни матрици кои се менуваат во секој инструмент.

Ќе прозвучи и „Италијанското капричо“ од П.И.Чајковски -  инспирирано од патувањето на композиторот во Рим. Додека бил во Рим ѝ пишал на својата пријателка Надежда фон Мек дека речиси ги финишира скиците за италијанската фантазија. Музички ова дело ја отсликува Италија, онака како што ја видел Чајковски.