Камчева: Боки 13 ги знаеше сите чекори на СЈО
Со сведочење на Ана Камчева, сопругата на Јордан Камчев, денеска во Kривичниот суд продолжи рочиштето за предметот „Рекет“ во кој се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски- Боки 13...
Со сведочење на Ана Камчева, сопругата на Јордан Камчев, денеска во Кривичниот суд продолжи рочиштето за предметот „Рекет“, во кој се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски- Боки 13.
Камчева сведочеше за средбите со Боки 13 и Катица Јанева, на кои било договарано како тие може да му помогнат на нејзиниот сопруг за случајот „Империја“. Пред судот кажа дека била изненадена од близината на Боки 13 со Катица Јанева, бидејќи тој точно ги знаел сите чекори што ќе се случуваат, кога нејзиниот сопруг ќе биде спроведен и кои ќе бидат сослушани за „Империја“.
„Ја пушташе и на спикерфон. Никогаш не сум била сама на средба со Боки 13 и дека секогаш на нив присуствуваше и Милевски. Катица на спикерфон даваше насоки, кој да дојде. Јас никогаш не бев во СЈО како бранител, затоа што според Јанева ќе сум привлечела големо внимание“, изјави Камчева.
Таа пред судот објанси и како и бил побаран и како го исплатила поткупот.
„Парите ни беа побарани и веќе бевме уверени во влијанието. Бидејќи бевме уверени дека имаме сериозен проблем и немаме друг излез, во консултација со сопругот прифативме да ги исплатиме парите. Побарав за наплата сметководителката да извади 350 илјади евра, а останатите 150 илјади евра требаше да ги обезбеди Зоран Милевски Кичеец. Парите му ги предадовме на Боки 13 во неговиот дом во Орман. Реагираше на малите банкноти и тоа што фалат 150 илјади, за кои се договорија да ги обезбеди Зоран Милевски. Боки 13 рече дека ќе договори средба со Катица Јанева. Така и беше“, рече Камчева.
На последното рочиште, што се одржа на 6-ти декември, сведочеше Јордан Камчев, кој рече дека во повеќе наврати обвинетиот Боки 13 се обидел да го уценува со, според него, наместен предмет „Империја“ покренат од специјалното јавно обвинителство, кој имал цел на нелегален начин да се стекне со поголема сума пари.
На првото рочиште за „Рекет“, третообвинетиот Зоран Милевски- Кичеец беше осуден на три години затвор откако призна вина за случајот.
