Париз

Русија и Украина договорија целосен прекин на огнот

10.12.2019 13:41

Во Париз средба на укранскиот и рускиот претседател Зеленски и Путин. Се договорија до крајот на годинава целосно да го применат договорот за прекин на огнот на истокот на Украина...

Рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Володимир Зеленски се договорија до крајот на годината во целост да го применат сеопфатниот договор за прекин на огнот на истокот од Украина. На состанокот во рамки на „Нормандиската четворка“, составена од Русија, Франција, Германија и Украина се договорија да се ослободат и разменат сите затвореници поврзани со судирот до крајот на 2019-та.

Двајцата лидери се усогласија до крајот на март 2020-та да ги расформираат воените сили во три области во Украина. По разговорите во Елисејската палата, Путин истакна дека состанокот е важен чекор кон деескалација на судирите во Украина. Побара да се измени украинскиот устав за да му се додели специјален статус на Донбас, додавајќи дека е потребно да се овозможи поголем премин за цивилите на истокот од Украина како и амнестија за луѓето што учествувале во конфликтот.

„Се согласивме за конечниот документ што потврдува дека не постојат алтернативи за исполнување на договорите од Минск постигнати на 12 февруари 2015 година. Треба да го синхронизираме процесот на преговори со политичко решавање. Тоа значи измени во Уставот што ќе обезбедат посебен статус на донбас со постојани услови“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

Зеленски пак рече дека Украина нема да се согласи на територијални отстапки во замена за постигнување мир. Рече дека неговата земја мора да има целосна контрола над своите источни области и дека на тоа поле нема да прави компромис.

„Основната причина поради која дојдов овде е размена на затворениците што беше договорено во Минск. Ги утврдивме датумите и верувам дека тоа ќе се случи. Одлучивме да не ризикуваме и да го поставиме датумот на крајот на годината. Јас многу би сакал нашите луѓе да се вратат дома навреме за да ги поминат новогодишните празници со своите семејства“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Украинскиот претседател истакна дека проблемот со извозот на руски гас низ Украина е отстранет и дека ќе се работи на договор по тоа прашање.

Домаќин на разговорите беше францускиот претседател Макрон заедно со германската канцеларка Меркел. Макрон рече дека на состанокот не било постигнато чудесно решение, но дека сепак се случил одреден напредок.

„Постојат недоразбирања, особено во однос на временската линија и наредните чекори. Имавме долга дискусија која ни дозволи да си дадеме четири месеци јасно да ги изразиме безбедносните и политичките барања за локалните избори“, изјави Макрон.

Меркел пак истакна дека во париз била покажана добра волја.

„Добрата волја е дел од решавањето на сите политички проблеми. Во тој дух, можам да кажам дека и покрај сите проблеми јас сум многу задоволна од средбата. Претседателот Путин и претседателот Зеленски за прв пат лично се сретнаа“, изјави Меркел.

Русија и Украина се уште не се согласуваат околу одредени прашања, како што се повлекувањето на проруските сили и избори во одредени делови од Украина, под контрола на бунтовниците.

Новиот состанок ќе биде организиран во наредните четири месеци.

Марина Ристова