Одбрана

Заев и Шеќеринска од носачот на авиони „Хари Труман“: Станавме партнер во НАТО, загаранирана е нашата безбедност

10.12.2019 14:03

Станавме партнер во НАТО и загаранирана е нашата безбедност, истакнаа премиерот Заев и министерката за одбрана Шеќеринска, при посетата на американскиот носач на авиони „Хари Труман“ во Неапол. На првата посета на Здружената сојузничка команда на НАТО во Неапол присуствуваа и началникот на генераштабот, генерал Васко Ѓурчиновски, претседателот на Собранието Талат Џафери и американската амбасадорка Кејт Мари Брнз...

Северна Македонија припаѓа на најсилниот систем за колективна безбедност. Најсилните земји во светот се наши сојузници, истакна премиерот Заев при првата посета на американскиот носач на авиони „Хари Труман“ кај Неапол. Средбата со Командантот на здружените сојузнички сили и Американските поморски сили за Европа и Африка, адмирал Џејмс Фого е јасен сигнал за активното учество на нашата земја во глобалните процеси за мир и справување со безбедносните закани, истакна Заев.

„Стануваме членка на НАТО во еден исклучителен геостратегиски момент, особено важен момент за зоната на влијанија на Југоисточна Европа, во Црноморскиот басен, и во Средоземно море од кое се контролираат три континенти. Но, поддршката на нашите стратешки партнери, особено на САД и на другите членки на НАТО алијансата, создаде услови поканата за членство воопшто да не биде доведена во прашање.  Ние сме дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот. Северна Македонија е фактор за стабилност во регионот, гарант на безбедност. НАТО е најсилната гаранција за нашата стабилност, сигурност, неменливост на граници и за зачувување на територијалниот интегритет“, нагласи премиерот Заев.

Присуството на делегацијата на носач на авиони што е дел од НАТО-флотата покажува што значи тоа за нашата држава, дека и ова е дел од нашата одбрана, изјави министерката за одбрана Шеќеринска.

„И тој носач на авиони Труман, е дел веќе од нашата одбрана. И тие авиони на носачот, и овие денеска во базата, се дел од нашата одбрана. Сите тие, повеќе од 5000 војници на носачот на авиони, се дел од нашата одбрана, исто како што нашите капацитети, се дел од НАТО системот. За ова се боревме, за ова работевме и за ова нашата држава вложи многу. Сега е шансата да ги собереме плодовите од НАТО членството, да имаме повеќе шанси за домашни и странски инвестиции, да создадеме повеќе шанси за работни места и повисоки плати и да покажеме дека само со сигурна земја се создава и просперитетна иднина“, рече министерката Шеќеринска.

На првата посета на американски носач на авиони присуствуваа и претседателот на Собранието Талат Џафери и началникот на генералштабот, генерал Васко Ѓурчиновски, придружувани од американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.

 

Ирина Гелевска