Седуммина убиени, вклучувајќи го и осомничениот во болница во Чешка

10.12.2019 14:34

Непознат е мотивот за шесткратното убиство во болницата во Чешка. Напаѓачот се самоуби откако беше опколен од полицијата...

Седуммина загинати и двајца повредени во вооружениот напад во болницата во Острава, североисточна Чешка. Меѓу мртвите е и осомничениот за повеќекратното убиство којшто се застрелал во главата откако побегна со својот автомобил од местото на злосторот. Нападот се случил на Клиниката за трауматологија. Засега мотивот е непознат.

„Мајката на напаѓачот им помогна на полицајците да го фатат осомничениот. Тој се вратил дома, кажал дека застрелал неколкумина, и дека ќе се убие. Имам информација дека бил лекуван во болницата. Во моментов нема опасност. Сметам дека се случила психичка промена кај овој човек кој изврши ужасен акт“, изјави премиерот на Чешка, Андреј Бабиш.

„Полицијата го лоцираше возилото кое го бараа и коешто го користел напаѓачот. Најдено е и телото. Станува збор за 42-годишен маж од Опава. Во моментот кога полицијата стигнала на местото каде што се обидел да изврши самоубиство, тој сè уште покажувал знаци на живот, но по час и половина им подлегна на повредите“, изјави Јан Хамачек, министер за внатрешни работи.

Острава е третиот по големина град во земјата, во близина на границите со Полска и Словачка. Но властите го зголемија безбедносното ниво на територијата на целата земја.

Ваквите инциденти се ретки во Чешка. Последниот ваков масакр се случи во 2015 година кога маж усмрти осуммина во ресторан во Ухерски Брод, а потоа го впери пиштолот кон себе.

 

Маја Филдишев