АПМ не поддржува ниту еден претседателски кандидат
На претстојните парламентарни избори АПМ ќе настапат како самостојна партија...

Алијансата за позитивна Македонија (АПМ) на претстојните претседателски избори нема да поддржи ниту еден од кандидатите, изјави денеска Љупчо Зиков, претседателот на партијата. Тој упати повик до членовите и симпатизерите на партијата да го одберат кандидатот по своја волја.
„На претстојните парламентарни избори АПМ ќе настапат како самостојна партија. Во однос на можното коалицирање со други партии, засега сите опции се отворени и се разгледуваат можностите“, изјави Зиков кој додаде дека самораспуштањето на парламентот и предвремените избори всушност е признание за немоќта на парламентарниот состав да ја води Македонија.
Според лидерот на АПМ, тие и натаму ќе се фокусираат на економијата, на проектот за отворање на нови 100 илјади работни места во наредните 2 до 4 години. Тие ќе понудат договор со граѓаните, како дел од идната власт, во првите 365 дена да отворат 30.000 работни места.
