Семејното насилство сѐ почесто
Во Македонија се бројат многу удари и навреди. Семејното насилство сѐ почесто. 16-дневниот активизам завршува, борбата продолжува. Одбележан и Меѓународниот ден на човекови права...
Во последните 5 години, за 40 насто е пораснат бројот на жртви кои побарале помош во првиот Семеен центар за психосоцијално советување и поддршка. Ваквата статистика, за среќа, не е резултат на зголемениот број случаи на семејно насилство, туку на свеста кај граѓаните и кампањите со кои жртвата добива информации каде може да добие соодветна помош.
„Работиме и со сторители на семејно насилсто но пружаме подддршка и на децата кои се од овие семејства. Најчесто жртвите се охрабруваат кога ќе се појави груб инцидент на физичко насислтво и кога се повредени, но во позадината секогаш постои психичко насилство, односно контрола, изолација, љубомора, омаловажување навредување, заплашување, забрана да работи“, изјави Фросина Иванова – менаџер на првиот Семеен центар.
Тешко е да се препознае семејното насилство, а уште потешко да се собере храброст и да се пријави.
„Во полиција доколку нема кривично дело се регистрираат само како поплаки и тие немаат особена тежина. Се случува и кога ќе пријават во полиција и кога има кривично дело да ја повлечат пријавата“, вели Иванова.
Секоја трета жена во земјава е жртва на семејно насилство. Годинава двојно е зголемен буџетот за поддршка на ваквите случаи. Отворени се 10 нови специјализирани сервиси во шест региони низ државата, вели министерката за труд и социјална политика Царовска.
„И ако ме прашате дали е доволно дали е доста, дали се справивме со насилството ќе кажам не. Пред нас постојат многу предизвици, но само ако ние сите заедно работиме да обезбедиме еднаков пристап за секоја жена од кое и да е место во нашата држава од најдалечното рурално место до најцентралното градско подрачје пристап до основните услуги за нејзина поддршка дури тогаш ќе можеме да кажеме дека секоја жена во секој момент во нашата држава е заштитена“, изјави министерката Царовска.
Институциите не замижуваат пред проблемот, велат дека ќе и бидат поддршка на секоја жена бидејќи веќе има успешни приказни.
Андријана Атанасовска
