Камчева: Се плашевме од моќта на Јанева- „Империја“ е фингиран процес
Ана Камчева сведочеше за случајот „Рекет“. Имала страв од специјалната обвинителка. „Империја“ за неа е фингиран процес. Потврди дека се среќавала со Бојан Јовановски и му дала пари за поблага казна на сопругот. Сведочеше и благајничката на холдингот...
Ана Камчева во сведочењето за случајот „Рекет“ рече дека се плашела од моќта на Јанева, а „Империја“ го нарече фингиран процес. Појасни дека со Бојан Јовановски имала неколку средби, на кои се појавила заедно со Зоран Милевски, кој и ги договорил. Појаснува дека на една од средбите му предала 350 илјади евра. Рече дека екс- обвинителката никогаш не побарала од неа пари, но, не ѝ дозволувала како адвоката на сопругот да го придружува во СЈО на распит.
Камчева голема вознемиреност почувствувала по разговорот со Васил Димишков кој ѝ побарал неодредена сума пари, 2, 4 или 6 милиони евра. И кажал дека го предупредил нејзиниот сопруг дека ќе биде приведен од СЈО. Се пожали дека имала притисоци за да не сведочи на рочиштето.
Контрадикторност во исказите на досега сослушаните сведоци- велат адвокатите на Јанева и на Јовановски. Во прилог на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева оди тоа што сведоците велат дека таа не им барала пари, смета нејзиниот адвокат.
На денешното рочиште како сведок беше сослушана и благајничката на холдингот на Камчев, Мирјана Бошковска, која рече дека во два наврати во декември и во февруари извадила поголема сума пари од сметките на членовите на семејството. Првата сума ѝ ја предала на Ана, а втората на Камчев за која направила и спецификација на апоените. Пари кои потоа се нашле во чантата „Луи Витон“ која Камчев му ја дал на Бојан Јовановски. Благајничката тврди дека не знаела дека Камчев снима додека ги броеле парите.
Рочиштето за случајот „Рекет“ продолжува на 25-ти.
Наташа Гркова- Петрушевска
