Поврат на персоналецот за земјоделците
Неделава треба да почне исплатата на повратот на персонален данок на земјоделците. Овие пари до крајот на оваа година ќе ги добијат скоро 17 000 фармери. Услов е да имаат приходи исклучиво од земјоделска дејност...

До 31-ви декември годинава скоро 17.000 земјоделци ќе добијат поврат на персоналниот данок за остварениот приход во 2018-та година исклучиво од продажба на примарно производство.
Се работи за вкупно 80 милиони денари, чија исплата се очекува да почне неделава поради што земјоделците треба да ги ажурираат трансакциските сметки.
Фармерите, покрај остварениот приход од продажба на своите примарни производи, не треба да имаат остварено други приходи, по друг основ, кои исто така се оданочени со персоналниот данок.
Нема да добијат поврат на средствта и ако се во работен однос, остваруваат приходи од закуп , од игри на среќа и ако се пензионери.
Физичките лица, пак, кои ќе го надминат прагот од еден милион денари остварен приход, имаат обврска согласно законот да регистрираат дејност во надлежен регистар.
Тоа може да го направат со запишување во Министерството за земјоделство како индивидуални земјоделци, односно да отворат фирма како трговци-поединци или правни лица во Централниот регистар.
Методија Трајков
