МВР: Да не се употребуваат петарди и да се пријавува нивна продажба
Неовластената употреба на пиротехнички средства е казнива согласно со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, Законот за заштита од експлозивни материи и Кривичниот законик на Република Македонија. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата- велат од МВР...

Над 150.000 луѓе во светот секоја година остануваат инвалиди поради користење петарди, а од нив 80 отсто се деца. Министерството за внатрешни работи во пресрет на новогодишните празници, упати апел да не се употребуваат петарди и да се пријавува нивна продажба.
Неовластената употреба на пиротехнички средства е казнива согласно со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, Законот за заштита од експлозивни материи и Кривичниот законик на Република Македонија. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата, доколу забележат лица кои продаваат пиротехнички средства и да ги пријават на полициски службеници лично или преку телефонскиот број 192. Апелираме особено до малолетниците да не употребуваат петарди, бидејќи тие претставуваат опасност за нивното здравје, соопшти МВР.
Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, Одделенијата за превенција при Секторите за внатрешни работи спроведуваат кампањи, изработуваат флаери и плакати и одржуваат различни предавања преку кои укажуваат на можните последици од употребата на пиротехничките средства. Полициските станици, пак, со спроведување на акциски контроли и проверки, работат на откривање и санкционирање на лицата кои вршат нелегална продажба на пиротехнички средства.
