Училиштен информатор: Правилна исхрана кај децата
Децата треба да се поттикнат да јадат различни видови плодови, но и да земат само колку што можат да изедат за да не се создаваат резерви на храна кои подоцна ќе се расипат и ќе пропаднат...

Вработените во детската градинка „Астибо“ од Штип, веќе триесет и осум години посветено ја вршат својата дејност, водејќи сметка и за квалитетот на исхраната на децата согласно со позитивните законски регулативи, за правилен раст и развој на децата од предучилишна возраст. Потребата од поттикнување и создавање навики за правилна исхрана кај децата од најрана возраст е многу важно, затоа што стекнатите навики од мала возраст ќе му овозможат на детето правилен раст и развој во иднина, без појава на зголемена телесна тежина, која, пак е еден од ризик- факторите за појава на промени во здравјето кај детето.
Мерењето на телесната тежина и висина, редовно се спроведува кај децата од три до шест годишна возраст, додека испитувањата според ИТТ - индекс на телесна тежина, кој што е веродостоен индикатор за зголемената телесна тежина – дебелина, е извршено кај децата од голема група (5 – 6 годишна возраст) што покажува дека секое петто дете има зголемена телесна тежина.
Мерењето на развиеност на стапалото преку земање отпечаток – плантограм, кое е спроведено кај децата од четири до шестгодишна возраст покажува дека секое шесто дете има отстапување во развојот на стапалото – рамно стапало. За превенција и правилен развој на стапалото , во соработка со УГД „Гоце Делчев“ – Висока здравствена школа – отсек физиотерапевти, се организираат едукативни работилници за родители и за вработени, кои што добија насоки за практикување забавни игри – вежби за правилен развој на стапалото, но и севкупен правилен раст и развој на детето.
Задолжителните систематски прегледи на забите кај децата од 5- 6 годишна возраст, годината пред поаѓање во прво одделение, се прават со цел да се стекне навика за правилно одржување хигиена на усната шуплина и органите во неа, затоа што здравата насмевка, естетскиот изгледна здравите заби ја поттикнува самодовербата кај децата од најрана возраст.
Важно е да ги научиме децата дека треба правилно да се хранат, да јадат различни видови овошје и зеленчук кои заедно со своите родители ќе ги подготват, ќе ги искомбинираат и ќе ги декорираат. Треба да се запознаат со можностите кои природата ни ги нуди во изобилството плодови со кои располага нашата околина. Едновремено, децата треба да се поттикнат да јадат различни видови плодови, но и да земат само толку колку што можат да изедат за да не се создаваат резерви на храна кои подоцна ќе се расипат и пропаднат. Секогаш треба да размислуваме дека треба да споделиме со другарчето или со некој друг дел од храната, зашто треба да ги воспитуваме и децата.
Радмила Гиевска
