Џафери: За измена на Законот за употреба на јазиците е потребно Бадентерово мнозинство

11.12.2019 12:10

Според него, предлагачот на измените, односно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ треба да обезбедат поддршка од немнозинските пратеници од албанските партии, а во моментот кај нив нема расположение за измена на Законот за јазици...

За измена на Законот за употреба на јазиците е потребно Бадентерово мнозинство, така што и предложените измени треба да се изгласаат со тоа мнозинство, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Според него, предлагачот на измените, односно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ треба да обезбедат поддршка од немнозинските пратеници од албанските партии, а во моментот кај нив нема расположение за измена на Законот за јазици.

„Процедурално јас немам причина зошто не би го ставил на дневен ред да се расправа, имајќи предвид дека соодветните инструменти кои постојат укажуваат на фактот дека за таков предлог- закон во моментов нема волја да се помине. Треба да се обезбеди мнозинство и од пратениците Албанци, а согласно нивните последни изјави кај нив не постои волја за тоа. И да поднесат таков закон, тој е осуден да не помине“, изјави Џафери.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија амандмани на Законот за употреба на јазиците, согласно препораките на Венецијанската комисија.