Се топи мнозинството на Џонсон пред изборите
Ќе биде „многу тешко“ Брегзит да се спроведе доколку владејачката конзервативна партија не успее да освои мнозинство во новиот Парламент, смета британскиот премиер Џонсон. Исходот од утрешните избори станува сѐ понеизвесен, бидејќи се топи мнозинството на конзервативците, покажуваат најновите испитувања на јавното мислење...
Изборната трка во Велика Британија станува сѐ понеизвесна. Најновите анкети покажаа дека конзервативците на премиерот Борис Џонсон треба на изборите во четврток да победат со мало мнозинство. Се очекува конзервативците да обезбедат мнозинство од 28 пратенички места, што е значително помалку од 68-те мандати колку што им предвидуваше анкетата од пред две недели.
„Ги охрабрувам сите да гласаат за Лабуристичката партија на изборите. Предложивме сеопфатна програма за оваа земја, која ќе им стави крај на неправдите, нееднаквоста и сиромаштијата во Велика Британија. Ќе инвестираме во иднината. Ние сакаме коалиции или тактичко гласање. Решени сме да победиме на овие избори“, изјави Џереми Корбин, лидер на Лабуристичката партија.
„Јасно е што ни нуди премиерот Џонсон. Од него добиваме само лаги. Тој рече дека ќе ги гарантира правата на 3 милиони државјани од другите земји на ЕУ. И колку време помина пред да почне да поттикнува непријателство кон тие луѓе?“, вели Џо Свинсон, лидер на Либерал-демократската партија.
Предноста на конзервативците е многу намалена во последните две недели и засега не е сигурно дека премиерот Борис Џонсон ќе победи на изборите. Во тој случај Брегзит повторно може да биде одложен.
Џонсон изјави дека ќе биде „многу тешко“ Брегзит да се спроведе доколку неговата владејачка конзервативна партија не успее да освои мнозинство во новиот Парламент, што ќе биде формиран по изборите на 12 декември.
„Мислам дека е вистинско време целата земја симболично да влезе во гласачките кабини и да ја отстрани моменталната блокада што ја имаме во парламентарниот систем. Тоа е она што мора да го направиме“, нагласи Џонсон.
На прашањето дали има „план Б“ за Брегзит, Џонсон рече дека нема алтернатива на активен парламент со ториевците на негово чело.
Британскиот премиер истакна го обвини опозицискиот лидер Џереми Корбин дека поддржувал терористички групи, како „Хамас“ и „Ирската републиканска армија“.
Марина Ристова
