Разногласие за Законот за употреба на јазиците
Пред Венецијанската комисија беше испратен целиот закон, тоа беше заклучок на Владата, премиерот Заев контра Артан Груби од ДУИ, кој го тврдеше спротивното. Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ на Законот за употреба на јазиците нема да поминат, вели спикерот Џафери. За тоа е потребно и Бадентерово мнозинство, но јасно е дека пратениците од албанската заедница нема да ги поддржат. Од ВМРО-ДПМНЕ инсистираат на почитување на Уставот и препораките на Венецијанската комисија...

Пратеникот Груби веројатно не знаел дека целиот Закон за јазици е испратен во Венецијанската комисија, затоа што не е член на Владата. Вака премерот Заев одговори на тврдењата на пратеникот Груби кој вчера изјави дека имало договор пред Венецијанската комисија да бидат испратени само делови од законот.
Конечната одлука дали Законот за употреба на јазиците ќе се менува зависи од Бадентеровото мнозинство. Кај пратениците Албанци нема подготвеност за тоа, тврди собранискиот спикер Џафери. Според него, предлагачите на измените, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ треба да имаат в предвид дека Законот за јазици е донесен со двотретинско мнозинство, и за измени треба да го имаат обезбедено тоа.
За Џафери, препораките на Венецијанската комисија се необврзувачки и според него тоа не значи дека Собранието треба да преземе соодветни мерки. Министерката за правда контра Џафери. Уверува дека ќе се почитуваат препораките од Венецијанската комисија.
Пратениците на ВМРО- ДПМНЕ повторно го повикаа владејачкото мнозинство да гласа за предложените измени, што според нив ќе значат усогласување на Законот за употреба на јазиците со препораките на Венецијанската комисија. Социјалдемократите ќе чекаат да го видат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ па ќе се произнесат за измените. Портпаролот Костадинов го повтори ставот на владата дека треба да се имплементираат забелешките на Венецијанската комисија.
Венецијанската комисија изнесе многубројни забелешки во однос на Законот за јазиците. Посочи дека употребата на албанскиот јазик ги надминува европските стандарди. Во одредени области наметнува нереални законски обврски за јавните институции.
Викторија Милевска
