Ангеловска- Бежовска: Можно е забавување на економската активност поради изборите
Според проекциите на НБРМ, домашната економија идната година ќе има раст од 3,8%, односно 4% во 2021 и 2022 година, при што позитивен импулс врз растот и натаму се очекува од домашната побарувачка, натамошниот раст на личната потрошувачка и закрепнување на инвестициската активност...
Можно е забавување на економската активност следната година заради претстојните вонредни парламентарни избори, на што упатува искуството досега, но она што е карактеристично и вообичаено е дека ефектите од тоа се чувствуваат на пократок период- вели гувернерот на Народната банка, Анита Ангеловска Бежовска, која на Меѓународниот Балкански Универзитет одржа предавање на тема „Кон одржлив раст - најновите макроекономски проекции за Република Северна Македонија“.
Според проекциите на НБРМ, домашната економија идната година ќе има раст од 3,8%, односно 4% во 2021 и 2022 година, при што позитивен импулс врз растот и натаму се очекува од домашната побарувачка, натамошниот раст на личната потрошувачка и закрепнување на инвестициската активност, додека придонесот на нето- извозот се оценува како негативен.
Ангеловска- Бежовска изјави и дека ризиците околу макроекономското сценарио се оценети како претежно надолни, што се однесува пред сѐ на надворешните ризици, во услови на понеповолен глобален амбиент и зголемена глобална неизвесност, предизвикана од растечките трговски тензии, неизвесниот процес на Брегзит, геополитичките ризици, променливоста на условите на финансиските пазари.
