Британците одлучуваат, се очекува мртва трка меѓу Џонсон и Корбин
Брегзит е клучно прашање на вонредните парламентарни избори во Обединетото Кралство. Кој ќе го пополни долниот дом во Вестминстер со 650 пратеничките места? Се прогнозира мртва трка меѓу актуелниот премиер Џонсон, силен застапник на Брегзит, и лабуристот Корбин...

Британците одлучуваат кој ќе им ја води државата, но и кој ќе го води процесот за излез од Европската Унија. Брегзит веќе 4 години е спорна точка и во Вестминстер, но и на релација Лондон- Брисел, така што од двете страни на Ла Манш се очекува конечна разврска на политичката сага, чијашто тема на почетокот се најавуваше како едноставен концепт.
Исходот е неизвесен. Изборите може да бидат пресвртница за актуелниот премиер и лидер на Конзервативците, Борис Џонсон, којшто ако биде поразен, влегува во историјата како премиер со најкус стаж на Даунинг стрит 10. Конзервативците владеат веќе девет години и ним им припаѓаат 298 места во Долниот дом. Опозициската Лабуристичка партија на Џереми Корбин, која има 243 места, се обидува да се врати во кабинетот, прв пат по 2010 година. Шкотската народна партија располага со 35 места, и како противник на напуштањето на блокот, бара независност од Британија и влез во Унијата. За т.н. „Бримејн“ – контраструјата на Брегзит, сè уште три помали партии: Либералдемократите, Зелените и велшката партија „Плејд Кумру“.
„Јас се надевам на влада на левичарите, Лабуристите, и за крај за Борис.“
„Не знам кое е најдоброто сценарио. Прв пат гласав за либерал-демократите бидејќи Брегзит е голема грешка, и тие се единствената партија која има цврст став за движењето Остануваме.“
„Кој и да победи нема да го оствари ветеното. Се надевам дека ќе победат Лабуристите. Ако тоа биде Џонсон, земјата ќе пропадне.“
„Ќе имаат мала разлика. Но, мислам дека Ториевците ќе имаат мнозинство. Ќе биде интересно да се види колку ќе добијат Либералите, особено во Лондон.“
Приоритетни теми за идниот кабинет ќе бидат и здравствената заштита, образованието и социјалната грижа. Партијата што ќе освои мнозинство гласови на овие избори може да формира влада со премиер од редовите на истата. Доколку ниедна не успее, партијата со најмногу освоени пратенички места ќе мора да формира малцинска влада. Третата опција е договор од партиските лидери за нов кабинет.
Според традицијата во Британија, парламентарните избори најчесто се закажуваат на пролет за да се постигне поголема излезност.
Маја Филдишев
