Расте бројот на заболени од хепатитис
Секој 12-ти човек на земјата има хроничен Хепатитис Б или Ц, или 500 милиони луѓе го имаат овој вирус. И во Македонија бројот на заболените од Хепатитис е рапидно зголемен во последниве години, многу повеќе од сидата.

Хепар центарот од Битола спроведува кампања за подигнување на свеста кај граѓаните. Оттаму велат дека најризични се младите, но не само оние што користат наркотични средства.
„Ризични групи се комуналните и хигиенски работници, луѓе на дијализа, луѓе со хемофилија, оние што се занимаваат со маникир, педикир, стоматолозите, полицијата, противпожарните единици, затворениците“, вели Милан Мишковиќ од Хепар- центар Битола.
За подигнување на свеста кај граѓаните е изработен видеозапис со поддршка од повеќе јавни личности.
„Хепатитисот го зема својот данок, а данокот знаеме кој е- човечкиот живот“, вели Никола Перевски- Пере од групата „Нокаут“.
„Да бидам искрен, не бев запознаен со информациите што ги кажа Милан и колку е опасен и присутен хепатитисот, пред да почне оваа кампања. Јас не сум ги имал тие податоци“, изјави Владимир Крстевски- Франц од „Нокаут“.
Првиот спот за ова вирусно заболување бил промовиран во Германија, а наскоро ќе се промовира и во Лондон, Загреб и Белград.
„Бројките што ги добив од Хепар центарот за мене беа навистина фрапантни и воопшто не размислував ниту јас ниту мојата продуцентска куќа да влеземе во овој проект, за да можат граѓаните на Македонија да дознаат многу повеќе за ова големо зло на денешнината“, изјави продуцентот Роберт Насков.
Хепатитисот Ц се нарекува и тивок убиец бидејќи кај заболените симптомите се јавуваат многу ретко, се додека не настане напреднато оштетување на црниот дроб. Голем дел од заразените незнаејќи дека го носат вирусот, можат да ја прошират инфекцијата.
Раната дијагноза е најзначајна. Против ова заболување не постои вакцина.
Александра Перевска
