Лондон

Џонсон: Британија ја напушта ЕУ на 31-ви јануари

13.12.2019 13:08

Убедлива победа на британските конзервативци на вчерашните избори. Добија 364 пратенички места, а лабуристите 203. Премиерот Борис Џонсон изјави дека неговата влада добила силна поддршка за завршување на процесот за излез на земјата од Европската унија...

Британија ќе ја напушти Европската унија до 31-ви јануари, порача премиерот Борис Џонсон по убедливата победа на парламентарните избори во земјата. Рече дека со напуштање на европското семејство, Обединетото Кралство повторно ја презема контролата над законите, границите, парите, трговијата и имигацискиот систем во земјата. Истакна и дека неговата влада мора да го претставува секој дел од Британија.

„Пријатели мои, успеавме. Изгрева нова зора, нов ден и нова влада. Сакам да им честитам на сите за освојување на најголемото конзервативно мнозинство од 1980 година. Ќе завршиме со Брегзит на време, до 31-ви јануари, нема „ако“ и нема „можеби“. Овие избори ја покажаа волјата на британскиот народ. Ставивме крај на мизерните закани од втор референдум“, нагласи Џонсон.

Лабуристичката партија бележи најлош резултат  уште од 1935 година. Лидерот на опозициската  партија, Џереми Корбин изборните резултати ги опиша како разочарувачки и изјави дека нема да ја предводи партијата на наредните избори.

„Ќе разговарам со партијата за да се обезбеди процес на размислување за овој резултат и за политиките на партијата . Ќе ја водам партијата во тој период за да се осигурам дека дискусијата ќе се одржи“, рече Корбин.

Според првичните резултати, конзервативците освоиле 364 пратенички места, додека лабуристите освоиле 203. Шкотските националисти освоија 48 места. Во британскиот парламент има вкупно 650 пратеници, а на Џонсон за победа му беа потребни 326 места.

Лидерката на Шкотската национална партија, Никола Старџен, рече дека сè уште планира да распише уште еден референдум за независност на Шкотска пред Божиќ.

„Тоа е се уште мојот план. Секако, би сакала да ги почекам конечните резултати пред да зборувам за тоа што ќе правиме другата недела“, изјави Старџен.

Американскиот претседател Трамп му ја честита убедливата победа на британскиот премиер и додаде дека сега Британија и САД ќе може да постигнат нов трговски договор по Брегзит.

Ова се смета за најголемата победа на Ториевците во последните 30 години, а подобар резултат имала само „челичната лејди“, Маргарет Тачер на изборите во 1983 година кога освоила 397 мандати.

На третите општи избори во Велика Британија во последните пет години, доминантна тема во кампањата беше референдумот за Брегзит на кој британците решија да ја напуштат Европската унија.

 

Марина Ристова