Отворен нов капацитет за преработка на месо вреден 4,4 милиони евра
Во Струга е отворен нов капацитет за преработка на месо и месни производи по европски стандарди. Вредноста на објектот и опремата изнесува четири милиони и четиристотини илјади евра од кои еден милион и шестотини илјади евра се средства од Европските фондови...
Ова е европеизација на „Подгорка“, но ова е и дел од европеизацијата на Струга и на нашата земја, рече премиерот Зоран Заев на отворањето на новиот објект за преработка на месо и месни производи на струшката компанија, чија изградба и опрема се целосно во согласност со националните и европските стандарди за безбедност на храна и квалитет на производите. Тој изрази уверување дека компанијата наскоро ќе стане препознатлив знак за квалитетни преработки од месо во земјава и пошироко.
„Владата и институциите се тука да бидат и понатаму ваши партнери во создавањето на поволни услови за раст и развој на вашите бизниси. Во таа насока радува и извозната ориентација на оваа компанија која освен на домашниот пазар, планира своите производи да ги пласира и на пазарите во странство, во околината со доминантност во Албанија“, изјави премиерот Заев.
„Подгорка“ е компанија која повлече најмногу средства од ИПАРД 2 програмата.
„Вкупната инвестиција на овој проект е вредна 4,4 милиони евра, а половината од оваа сума веќе се вратени на сметката на компанијата. Од овие средства 1,6 милиони евра се средства од европските фондови, додека 560.000 евра се средства од националното кофинансирање“, изјави министерот за земјоделство Трајан Димковски.
„Сакаме да ги менуваме навиките на нашите граѓани. Ние во овој објект ќе расекуваме, ќе пакуваме свежо разладено месо кое што е тренд во Европа и во целиот свет“, рече Мевмет Џамајлоски- сопственик на компанијата.
Преку објавените повици од ИПАРД 2 програмата во земјава се склучени 1.355 договори со вкупна вредност од 31,5 милиони евра, односно искористени се 39,5 проценти од расположливите средства.
Сашо Нелоски
