Варијациите на крвниот притисок се поопасни од високиот крвен притисок
Осцилациите на крвниот притисок во текот на денот не се невообичаена појава, а причините за нагло покачување или паѓање може да бидат многубројни...

Смената на годишните времиња или големи температурни разлики како и промената на воздушниот притисок предизвикуваат осцилации на крвниот притисок. На тоа посебно внимание треба да обрнат оние со кардиоваскуларни проблеми. Но и здравите луѓе не треба да го игнорираат варирањето на притисокот. Стресот, физичкиот напор,возбудувањето , па и наглата промена на времето се дел од причините за промена на артерискиот притисок. Здравите луѓе немаат причина за голема загриженост, но срцевите болни мора да водат сметка за земање редовна терапија, особено при честите временски промени. Симптоми што укажуваат на паѓање на крвниот притисок се слабост, малаксаност, препотување, гушење, несвестица. Симптомите за покачување на притисокот се главоболка, болка зад градната коска, мачнина, повраќање.
Наглата промена на температурните разлики доведува до ширење на крвните садови и смалено количество на кислород. Последица од тоа се варијациите кои можат да доведат до инфаркт или мозочен удар. Доколку варијациите се меѓу 15 и 20 милиметри на живиниот столб нема причина за загриженост, но доколку систолниот поминува над 140, а дијастолниот над 90, тоа е знак дека мора да посетите лекар, затоа што доколку се јавува почесто веќе е знак дека мора да се зема терапија за негово контролирање.
Освен лековите , за стабилизирање на крвниот притисок потребна е промена на начинот на живот., доволен внес на течности, здрав начин на исхрана и телесна тежина во рамките на нормала, редовна физичка активност и одвикнување од сите штетни навики особено од пушење, пиење алкохол, редовно и навремено одење на спиење.
Варијациите се особено опасни за луѓе што веќе имале срцев или мозочен удар. Наглите скокови на горниот притисок го зголемуваат ризикот од повторен инфаркт, а покачување на долниот притисок може да доведе до шлогирање. Доколку лицата кои се под терапија повторно имаат големи и чести промени на притисокот значи дека треба да се промени терапијата или да се доведе организмот во нормала, да се дише чист воздух, повеќе кислород, подобра циркулација , да се види поврзаност на притисокот со другите заболувања или промени во организмот. Оштетувањето на крвните садови или артериосклерозата односно нивната нееластичност се еден од факторите, потоа затнатите крвни садови со наслаги се причина за тежок проток на крвта. Високиот крвен притисок може да доведе до такви оштетувања на крвните садови и до појава на аневризми кои се животно загрозувачки. Срцето страда односно можна е појава на хипертрофија, инсуфициенција и коронарна артериска болест. Церебралните компликации се исхемија, мозочен удар или крварење. Метаболен синдром вклучува нарушување на нивото на триглицериди, холестеролот, високо ниво на инсулин. КОлку повеќе компоненти се присутни толку е поголем ризикот. Можни се проблеми со меморијата и когнитивните функции, односно можно е нарушување на процесот на размислување, помнење и учење.
Соња Стојановска
