Политика

Заев: Со една изборна единица губат поголемите партии, но добива демократијата

13.12.2019 15:31

Со илјадниците амандмани опозицијата ги блокира законите, вели премиерот Заев. Свесен е дека со една изборна единица губат поголемите партии, но вели добива демократијата. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со менување на Изборниот законик на неколку недели од формирањето техничка влада и пред избори. БЕСА пак бара три изборни единици и пропорционален модел. Помалите партии подготвени за дијалог...

Со една изборна единица и отворени листи најмногу губи СДСМ, потоа ВМРО- ДПМНЕ, но добиваат малите партии и државата преку зголемување на демократијата, ја коментира премиерот Заев иницијативата за измени во Изборниот законик. Тврди дека за време на изборите партиите ќе заштедат пари. Сепак, откако и ДУИ поднесе над 6.000 амандмани, Заев оценува дека станува збор за блокада на иницијативата.

Надвор од сите логики е сега да се менува Изборниот законик, велат во ВМРО- ДПМНЕ. Отворени се за ваков дијалог, но по изборите, бидејќи и ОБСЕ препорачува дека менувањето на Изборниот законик може да се спроведе најдоцна година дена пред изборите.

Помалите партии во парламентот, кои се за измени во Изборниот законик бараат разговори меѓу лидерите на ДУИ и на ВМРО- ДПМНЕ. Оптимисти се дека така може да се дојде до заедничко решение, иако и сега со подршката на Социјал-демократите имаат мнозинство од 65 пратеници.

БЕСА и натаму бара три изборни единици, за поголема прегледност на изборниот процес.

Комисиската расправа за измени во Изборниот законик може да почне следната недела, но не пред дискусијата за буџетот во Собранието.

 

Миле Ристески