Заострена реторика меѓу Анкара и Вашингтон
Анкара ја заострува реториката кон Вашингтон поради две резолуции кои ги изгласа американскиот Сенат против Турција. Сенаторите поддржаа санкции поради купувањето на руски антиракетни системи и го признаа геноцидот на Ерменците. Билатералните односи се веќе влошени поради неколку прашања, особено американската помош за Курдите кои Турција ги смета за терористи...
Официјална Анкара се закани дека ќе ја затвори воената база Инџирлик, една од клучните и за турската и за американската војска, ако Вашингтон ги спроведе санкциите кои ги изгласаа сенаторите поради купувањето руски антиракетни системи С-400 и неодамнешните воени операции во северна Сирија. Базата е лоцирана на 15 километри од сириската граница, во близина до Адана. Од ноември 2011 година, американските воздушни сили оттаму користат и дронови, и извршуваат напади врз цели на Исламска држава. Покрај тоа, САД таму складираат и нуклеарно оружје, како дел од наследството од Студената војна.
„Ако треба да се затвори, ќе се затвори воздухопловната база. Ако треба ќе ја затвориме и Куречик. Целиот проблем е во тоа што, доколку се воведат мерки како санкции против нас, ние ќе одговориме соодветно и реципрочно“, изјави претседателот на Турција, Ердоган.
Односите меѓу Анкара и Вашингтон се влошија, откако Сенатот усвои резолуција со која се признава геноцид врз Ерменците во Првата светска војна. Ердоган најави одговор на, како што вели, „политички мотивираниот документ“ со тоа што неговата земја ќе усвои парламентарни резолуции за признавање на геноцид врз Индијанците во последните неколку векови.
Администрацијата на Трамп досега не воведе никакви санкции иако претседателот во 2017 година потпиша закон за парични казни за земјите кои водат бизнис со руската војска.
Турција и САД водат спор за повеќе прашања. Едно од посложените се Курдите и поддршката која ја добиваат од Пентагон, што е проблем за владата во Анкара што ги смета за терористичка формација.
Маја Филдишев
