Инфраструктура

Сугарески: Инвестираме над 80 милиони евра во кумановскиот регион

16.12.2019 14:02

Во пресрет на владината седница што треба ќе се одржи во Куманово, министерот Сугарески заедно со директорот на ЈП за државни патишта и градоначалникот на Општина Куманово, направија обиколка на инфраструктурните проекти што се реализираат во ресорот транспорт...

Само во Куманово и кумановскиот регион инвестираме преку 80 милиони евра во реализација на крупни капитални проекти во патишта, железници и во изградба и реконструкција на канализации и водоводи кои треба да донесат економски развој во регионот, нови вработувања и подобар живот за граѓаните, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната работна посета во Куманово.

Во пресрет на владината седница што треба ќе се одржи во Куманово, министерот Сугарески заедно со директорот на ЈП за државни патишта и градоначалникот на Општина Куманово, направија обиколка на инфраструктурните проекти што се реализираат во ресорот транспорт.

„Инвестираме преку 26 милиони евра во реконструкција на патната мрежа. Завршивме неколку патни правци многу значајни за овој регион,  исто така многу значаен правец кој ќе го почнеме идната година е патот до Страцин, инвестиција од 15 милиони евра. Понатаму инвестираме во изградба на железницата кон Бељаковце, инвестиција од 47 милиони евра. Сакам да информирам дека до крај на годината очекуваме ЕУ да ни одобрат неповратни средства за изградбата на заедничката железничка станица со Србија, која ќе се гради кај Табановце“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека патниот правец Куманово - Свети Николе е рехабилитиран во цела должина од 42 километри што претставува важна патна врска од граѓаните од Истокот со Република Србија.

Според градоначалникот Димитриевски, Општина Куманово најде партнер во реализација на големи инфраструктурни проекти. Изјави дека овој позитивен тренд на инвестиции во инфраструктурата ќе продолжи и во наредниот период.