Ангеловска: Буџетот за 2020-та насочен кон задржување на квалитетните кадри во земјава

16.12.2019 14:52

Во Законодавниот дом почна расправата за дополнетиот предлог- буџет за 2020-та што ги содржи 12-те прифатени амандмани. Државната каса в година ќе тежи 3 милијарди 897 милиони евра. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од годинашниве 2,5 проценти. Според Владата, во фокусот на државната каса за наредната година е човечкиот капитал, додека за опозицијата ова е популистички буџет во функција на предстојните избори...

Буџетот 2020 носи мото „инвестицираме во човечкиот капитал“ затоа што човечкиот капитал е најважен за економскиот развој на една земја. Само посреќни и помотивирани работници можат да го дадат својот максимум, а и да останат да ја градат својата иднина во својата земја, дека дома си е дома, рече министерката за финансии Нина Ангеловска во експозето на Предлог- буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година.

„Издвоивме наjвисоки досега 154 милијарди денари за функциите на здравството, образованието и социјалната заштита. Сакаме најдобрите лекари и медицински персонал да бидат во јавното здравство. Сакаме квалитетни идни генерации и знаеме дека за тоа е предуслов квалитетното образование за секое дете. Сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните. Да нема деца надвор од системот на згрижување“, образложи Ангеловска.

Министерката за финансии потенцираше дека Буџетот 2020, иако ја акцентира важноста на човечкиот капитал, истиот обезбедува целосна рамнотежа помеѓу економската ефикасност и социјалната правда. Тој интегрира иницијативи насочени кон процесот на развој преку сериозни инвестициони вложувања.

„Растот на приватната потрошувачка е проектиран на 3,3%, а проекцијата за раст на јавната потрошувачка во 2020 година изнесува 2%. Бруто-инвестициите во 2020 година е предвидено да се зголемат за 8% на реална основа. Економскиот раст во 2020 година е проектиран на 3,8%. Оваa проекција е во линија со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции“, нагласи министерката Ангеловска.

Ангеловска рече дека Буџетот е реален, ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.