Предлог- буџетот за 2020 пред пратениците

17.12.2019 10:53

Државната каса ќе тежи 3 милијарди и 897 милиони евра. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,3 насто од БДП. Според Владата, во фокусот е човечкиот капитал. Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ова е популистички буџет во функција на претстојните избори.

Во Собранието продолжува расправа за Предлог- буџет за идната година. Државната каса ќе тежи 3 милијарди и 897 милиони евра. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,3 насто од БДП. Според Владата, во фокусот е човечкиот капитал. Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ова е популистички буџет во функција на претстојните избори.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска истакна дека во фокусот на буџетот за наредната година е човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.

„Буџетот 2020 носи мото „Инвестираме во човечкиот капитал” затоа што човечкиот капитал е најважен за економскиот развој на една земја. Само среќни и помотивирани на нивните работни места можат да го дадат својот максимум, а и да останат да ја градат својата иднина во својата земја, дека дома си е дома“, истакна Ангеловска.

Капиталните инвестиции во буџетот се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи ќе одат во области врз кои се потпира човечкиот капитал.

Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и јавните и приватните инвестиции.

Во вчерашната расправа Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ го оцени како социјален, популистички, предизборен, и кој не е буџет насочен кон човечкиот капитал. Нејзиниот сопартиец и координатор на пратеничката група Никола Мицевски истакна дека денеска буџетот е нереален и заснован, како што рече, врз само врз една основа, а тоа е дека имаме избори на 12 април.

За Костадин Костадинов од СДСМ  буџетот не е популистички, туку е нормално планирање на финасиските средства и ставање на средствата на тоа што е од програмата и интерес на граѓаните. Диме Велков од СДСМ наведе дека првпат се вложуваат повеќе средства од претходните години и дека е разворн со тоа што има 38 милијарди во здравството, 36 во образование 88 во социјална заштита.

Расправта по буџетот согласно Деловникот треба да трае најмногу пет работни дена.