Земјоделство

Поврат на персонален данок за земјоделците

17.12.2019 13:31

Околу 17.000 земјоделци до 31-ви декември треба да добијат поврат на персоналниот данок на доход во износ од вкупно 80 милиони денари. Се однесува за приходот од продажба на земјоделски производи во 2018 година. Од ресорот со апел, земјоделците да ги ажурираат трансакциските сметки за непречена исплата на средствата. Нема поврат на средства за оние фармери што се во работен однос, пензионери или остваруваат приходи од закуп или од игри на среќа...

До крајот на годинава 17.000 земјоделци ќе добијат поврат на персонален данок на доход во износ од 80 милиони денари. Персоналниот данок ќе им биде вратен на сите земјоделци на кои земјоделството им е основна дејност и кои оствариле приходи од продажба на земјоделски производи до милион денари. Исплaтaта е за приходите остварени до крајот на 2018 година.

За земјоделците на кои им следува поврат, а УЈП и Министерството во моментов не располагаат со точен податок за трансакциска сметка, УЈП ќе направи напор да ги обезбеди по службен пат и директно во контакт со лицата. Оттаму апелираат, доколку некој од земјоделците во текот на годината има некакви промени да ги известат за ефикасна и точна исплата на повратот.

Лукаревска ги објави и податоците за компаниите кои се пријавуваат за субвенции за придонеси, поради тоа што на 15-ти декември истече рокот за исплата на ноемвриската плата.

Субвенции за придонесите досега искористиле 8.000 работодавци кај 45.000 вработени, а пак, 1.300 работодавци за 47.000 работници не го сториле тоа поради технички грешки. Значи, станува збор за 58 милиони денари, затоа што за месеците октомври и ноември се направени одредени исправки, а декември е сѐ уште во тек и до крајот на годината ќе го имаме и тој податок, рече директорката на Управата за јавни приходи.

Ана Јосифоска- Тодоровска