Велика Британија

Џонсон сака да забрани продолжување на преодниот период

17.12.2019 14:46

Британскиот премиер Џонсон е против било какво продолжување на преодниот период по официјалното излегување на земјата од Европската унија на 31-ви јануари. Се претпоставува дека предлог- законот за излез од Унијата уште во петок ќе се најде пред членовите на Парламентот...

Британскиот премиер Борис Џонсон сака законски да забрани какво било продолжување на преодниот период по официјалното излегување на Велика Британија од Европската унија на 31 јануари. Извори од „Даунинг стрит 10“ велат дека на изборите минатата недела народот гласал за влада што ќе го оствари Брегзит и ќе и овозможи на земјата да оди напред.

Истите извори додаваат дека нивната програма јасно укажала дека нема да се продолжи преодниот период и новиот закон за спроведување на договорот за излез од ЕУ законски ќе и забрани на владата да прифати какво било продолжение по 2020 година. 

Премиерот Џонсон им се обрати на новите пратеници од конзервативната партија во Вестминистерската палата. Повеќето од 109-те нови пратеници доаѓаат од изборните единици кои претходно беа упориште на Лабуристичката партија.

Сакам да им посакам добредојде на сите во кабинетот и да им се заблагодарам за напорната работа која доведе до тоа оваа влада да ја поддржат нови 109 конзервативци. Гласачите во земјава ја променија владата и нашата партија на подобро. Ние мора да им возвратиме за нивната доверба и да работиме на тоа да ја направиме оваа земја подобра“, изјави Џонсон.

Прва задача на пратениците ќе биде гласање на предлог- законот за излез од ЕУ, кој Џонсон сака да биде усвоен пред Божик. Се очекува Џонсон да ги пополни празните позиции на тие кои пред изборите ги напуштија функциите, вклучувајќи ги секретарите за култура и за Велс.

Кралицата формално ќе го отвори Парламентот в четврток, кога ќе ја претстави владината законодавна програма.

Се претпоставува дека предлог- законот за излез од ЕУ уште в петок ќе се најде пред членовите на Парламентот. Поради мнозинството кое го има Џонсон, се очекува дека предлог- законот ќе помине во парламентот навреме, за да се исполни ветувањето на премиерот дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ до 31-ви јануари. Британскиот премиер ќе мора да преговара за новиот договор за трговија со ЕУ, а парламентот да го ратификува пред завршување на пост- бергзит преодниот период, кој завршува на 31-ви декември 2020 година.

 

Марина Ристова