Фудбал – пријателски натпревар

Победа на Македонија за самодоверба и за успешен старт на Ѓуровски

05.03.2014 21:34

Им требаше десетина минути на нашите фудбалери да се прилагодат на барањата на селекторот, но кога влегоа во ритам беа се посигурни во акциите и поопасни кон гостинскиот гол...

Во дебито на селекторот Бошко Ѓуровски, македонската фудбалска репрезентација беше подобра и ја совлада Летонија со 2:1 во пријателски натпревар пред околу 2000 гледачи на Националната Арена Филип Втори во Скопје. Иако е само неколку дена со репрезентативците, новиот стратег Ѓуровски очигледно успеа да ја наметна идејата Македонија да игра агресивно, барем така беше во првото полувреме и во стартниот дел од второто.

Им требаше десетина минути на нашите фудбалери да се прилагодат на барањата на селекторот, но кога влегоа во ритам беа се посигурни во акциите и поопасни кон гостинскиот гол. Постојаното менување на позициите на Агим Ибраими, Хасани и на Трајковски даде резултат во 29-та минута. Трајковски мина по десната страна, Хасани малку го продолжи неговиот центаршут којшто со гол го заврши Костовски. Негов втор погодок во седмиот репрезентативен настап за 1:0.

До крајот на првиот дел, Шиков ненамерно играше со рака во шеснаесетникот, но Летонците ја немаа топката во посед и не се закануваа гон голот на Пачовски, па веројатно затоа албанскиот судија Јемини не покажа на белата точка. Во 43-та минута, Трајковски не успеа со погодок да заврши добар контранапад иако со дриблинг се ослободи од еден противнички играч и создаде чиста позиција за шут.

И во второто полувреме Македонија почна во ист стил, но иако ја контролираше средината, Летонија сепак израмни на 1:1 во 65-та минута. Георгиевски место да го отстрани уфрлувањето на Рудњевс, ја зафати топката со надворешниот дел од копачката и постигна автогол.

Среќа што веќе во следната минута играчот на Хановер, Рудњевс шутираше крај голот иако излезе сам пред капитенот Пачовски. Као мечот се приближуваше кон крајот, паѓаше концентрација и се зголемуваше бројот на грешките како рефлекција на заморот и на многуте замени.

Сепак, во 72-та минута Георгиевски се протна зад одбраната на Летонија, Бесарт Ибраими се обиде да го проигра, но Ругинс место топката го собра нашиот десен бек и направи пенал. Аги Ибраими беше сигуран за шести гол во 25-от натпревар за Македонија и за конечни 2:1 што е прва победа на нашата репрезентација по три порази.