Меѓународна олимпијада по природни науки
На оваа олимпијада македонскиот тим се закити со пет медали – два сребрени и три бронзени. Ова е наше трето учество и оваа година постигнавме најголем успех во споредба со минатите. Во 2017 година се вративме со една, а во 2018 година со три бронзени медали.

Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки е една од тринаесетте олимпијади категоризирани од Министерството за образование и наука како значајна меѓународна олимпијада за ученици од Република Македонија и за соодветен успех на некоја од овие олимпијади МОН доделува стипендии на учениците. Ова е престижна олимпијада, добра можност за учениците да го покажат своето знаење, способности и вештини, како и споредба на секоја земја со другите земји-учеснички.Сите потенцијални учесници на олимпијадата треба да се родени на или по 1 јануари 2004 година, односно до крајот на календарската 2019 година, да не се постари од 15 години.
Оваа година 16. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки се одржа во Доха, Катар, и учествуваа рекорден број учесници, односно 409 натпреварувачи од 70 држави во светот. На оваа олимпијада македонскиот тим се закити со пет медали – два сребрени и три бронзени.Ова е наше трето учество и оваа година постигнавме најголем успех во споредба со минатите. Во 2017 година се вративме со една, а во 2018 година со три бронзени медали.
Олимпискиот тим го сочинуваа шест ученици:
Мајкл Георгиевски, ученик во деветто одделение во ООУ „Гоце Делчев“, Кавадарци,
Емилија Николовска, ученичка во осмо одделение во ООУ „Григор Прличев“, Охрид,
Никола Спировски, ученик во осмо одделение во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, Скопје,
Матеј Гелев, ученик во осмо одделение во ООУ „Блаже Конески“, Велес,
Стефан Дрмач, ученик во деветто одделение во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, Скопје,
Теона Кировска, ученичка во деветто одделение во ООУ „Гоце Делчев“, Свети Николе.
Нив ги предводеа менторите проф. д-р Боце Митревски од Институтот за физика, проф. д-р Марина Стојановска од Институтот за хемија и м-р Лозенка Иванова од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Шесте ученици што ја претставуваа нашава држава минаа строга селекција низ натпреварите по физика, хемија и биологија (на три нивоа: општинско, регионално и државно) и два селекциони натпревара на Природно-математичкиот факултет. Сите овие натпревари се организирани од страна на Друштвото на физичари на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД), кои се акредитирани здруженија за организирање натпревари.Подготовките на нашиот тим за олимпијадата се одвиваа на ПМФ во Скопје од страна на повеќе професори и стручни соработници од ПМФ, членови на трите здруженија. Подготовките се одвиваа од почетокот на септември до крајот на ноември. Материјалот предвиден за олимпијадата во голема мера го надминува нивото на знаења кое го стекнуваат учениците во Македонија на оваа возраст и подготовките на ПМФ беа неопходни за стекнување солидни знаења за нашите ученици да можат да им конкурираат на нивните соученици од цел свет.
Учеството на нашиот тим го помогнаа Фондот за иновации и технолошки развој и Агенцијата за млади и спорт, како и дел од општините, за што изразуваме голема благодарност. Во иднина се надеваме на континуирана соработка и финанскиска поддршка од надлежните институции во државава. Повеќе од јасно е дека е потребно да се вложува во овие млади умови, бидејќи тие се најдобрите амбасадори на Македонија и иднината на нашата држава.
Радмила Гиевска
