Како да се постапува со талентираните деца
Што е талент? Според една од многубројните дефиниции, талентот е потенцијал за исклучителност. Талентираните деца треба да се поттикнуваат и поддржуваат и емотивно и на секој друг начин.

Современици сме на многу талентирани деца и на нивнота генијалност низ разни врвни резултати во разни области, доктори на науки, сликари спортисти компјутерџии, музичари и уште разни други таленти . Вакви деца се појавуваат во сите општества и развиени и неразвиени, само што во високо развиените урбани средини полесно се откриваат и може да напредуваат благодарение на поддршката на системите. За жал многу деца и покрај желбата и талентот не завршуваат на вистинскиот пат од разни причини, а човештвото му е ускратено да ужива во неговите таленти, уметнички дела, изуми и врвни вештини.
Системската грижа за даровитите деца се состои од најмалку три алки во синџирот. Тоа се прво нивното рано препознавање , потребната поддршка во нивното развивање и соодветно професионално ангажирање. Само така надарените деца ќе може да ги искористата своите потенцијали како во личниот развој, така и во државниот систем во кој од нив се очекува да дадат многу подолго. Од голема важност , како и одговорност на секој поединец е да се препознаат во воспитно образовниот процес и со нив да се постапува адекватно, да се одговори на нивните потреби за поттикнување да се развијат сите потенцијали. Тие деца побрзо учат, лесно памтат, едноставно ги поврзуваат различните содржини и информации, љубопитни се и поставуваат многу повеќе прашања. Родителите најдобро го познаваат своето дете и со самото тоа ги знаат неговите предности и слаби страни, така што тие би требало први да ги препознаат. Следната прилика за препознавање ја имаат воспитувачите и наставниците кои во секојдневната работа со децата може да го препознаат и поттикнат талентот.
Надареното дете, како и секое друго, има потреба од емоционална поддршка која подразбира љубов од родителите, чувство на сигурност, чувство дека е сакано, дека го разбираат, дека ги прифаќаат неговите интереси, ставови и активности. Бидејќи надарените деца се поотворени, побрзи, побистри, посигурни од другите деца, најчесто се омилени во групата. Но, постојат и ситуации кога некои не се поддржани и прифатени од околината од своите врсници, се јавува завист и љубомора, потсмевање, па ситуацијата се превртува во обратна насока. Има деца кои не се разбрани и подржани од своите родители поради ниската свест или општествените и верските предрасуди или локални сфаќања и перцепција за правила на однесување. Тогаш децата се несреќни се повлекуваат во себе, се изолираат од средината со чувство на несфатеност и отфрленост. Дури кај некои се појавува мислење дека не се нормални затоа што не се како другите. Некои деца не обрнуваат внимание на другите, туку живеат во својот свет на активности и книги кои им користат. Иако се остроумни не можат да се вклопат во средината и со тек на време, наместо да ги изразат своите таленти и да расцветаат, се претопуваат во просечноста на средината, како по линија на помал отпор. Губат воља за понтамошен развој доколку не се појави некој што ќе ги води и убеди дека треба да го одат својот пат. Во некои ситуации и децата и родителите, свесни за талентите немаат финансиски можности да ги инвестираат во напредокот на детето, се снаоѓаат на различни начини, или пак се откажуваат огорчени од несфатеноста и незаинтересираноста на системот.
Кои се индикаторите за откривање на талентирани деца? Најчесто тоа е успехот на училиште или покажување на одредени способности да се совладаат потешките задачи или вештини, или пак екстремна разлика во индивидуални креативни активности. Постојат две методи за препознавање на талентирано дете: проценување и тестирање. Првиот метод се однесува на набљудување и проценка на особините на детето од сите во околината, проценка на способностите, на сферите на интерес, на тоа што забележува, како реагира. Втората метода, тестирањето, обично опфаќа тестови на интелигенција и тестови на посебни способности од областите каде што покажува највисоки резултати. Методичките облици на идентификација се вршат низ тестови на креативни способности, на личноста , тестови на знаења и постигнувања.
Но нашиот образовен систем не познава вон наставен програм за работа со надарени деца. Тоа зависи повеќе од личното ангажирање на наставникот и родителите, но затоа постојат неформални институции за проценка и проверка, како и за развивање на талентите на децата.
Сите деца се талентирани за нешто, само потребно е да се откријат и насочат правилно и децата да го прават тоа што го сакаат и на поле каде одлично се снаоѓаат, а исклучителните ќе го пронајдат патот до успехот.
Соња Стојановска
